Живко Чинго раскажувач , романсиер, драмски писател роден е на 13 август 1935 год. во Велгошти , умрел на 11 август 1987 год. во Охрид. Завршил Филозофски факултет во Скопје, извесно време работел како професор по литература во гимназија во Охрид, а потоа во Скопје работел во “Студентски збор”, “Млад борец”, Радио-телевизија Скопје, во Центарот за политички студии во Скопје и во Републичкиот комитет за култура. Бил директор на Македонскиот народен театар. Член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) од 1963 година.
Во македонската литература Чинго влегува кон крајот на пеесетите години на XX век. Уште во своите први раскази објавени во периодиката тој го свртува кон себеси вниманието на книжевната јавност.
Првата збирка раскази Пасквелија, издадена во 1961 година, била дочекана како литературно откровение.

zivko-cingoТаа навестува голем мајстор на расказот, еден од водечките имиња на оваа раскажувачка форма. Неколку години подоцна, 1965 година, овој автор ја објавува и втората книга раскази Нова Пасквелија, која го повторува големиот успех на првата книга. Во 1966 година Чинго го објавува романот за деца Сребрени снегови, а во 1971 година и својот втор роман Големата вода (по која е снимен и истоимениот филм вo 2004 год.). Книгата раскази Вљубен дух, овој автор ја објави во 1976 година, на српскохрватски јазик.
Сите овие пет прозни дела, го сочинуваат јадрото на неговото творештво и го потврдуваат Чинго како автор со својствен раскажувачки свет, исклучителен по својата оригиналност, едноставност, со својата поетичност и непосредност, со својата раскажувачка драматика. Неговото творештво е високо вреднувано од македонската и југословенската критика, а неговите дела се преведувани на: српскохрватски, словенечки, албански, руски, полски, француски, унгарски и германски. Денес името Живко Чинго го носат повеќе институци во Република Македонија како и Основното Училиште во Велгошти „ОУ Живко Чинго“ .

 

Целиот филм “Големата вода” “The Great Water”

https://www.youtube.com/watch?v=U8Fz49Ue6WM