Два километри од Манастирот Света Петка, на околу половина час пешачење од село Велгошти, а некаде на средината од јужната падина на гребенот “Клучка” е сочувана една мала пештерна црква посветена на Света Богородица. Ова монашко живеалиште е сместено во една природна пештера во неправилен облик од неколку метри квадратни, вкопана како орловско гнездо во карпестиот предел на планината Петрино, поточно на јужната страна на возвишението “Олмец”, а во длабочината на кањонот каде тече реката Сушица. Пристапот кон црквата е многу тежок, скоро непристапен, а од месното население на Велгошти оваа црквичка се посетува на празникот Тодорова Сабота, шест недели пред Велигден. Од некогашниот фреско-живопис сочувани се само фрагментирани остатоци во олтарниот простор од коишто се доаѓа до сознание дека црквата била употребувана за монашки потреби и кон крајот на XV и XVI век.
Легенда: Првобитно оваа црква била посветена на света Петка. Во оваа пештерна црква има отвор и истиот се наоѓа во северниот дел на пештерата, канал што излегува кај манастирот Света Петка. Кога го граделе манастирот Света Петка, иконата што била посветена на неа секое утро од манастирот “бегала” и тие ја наоѓале во пештерната црква. За да се уверат мештаните пуштиле една коза внатре и таа навитина излегла кај манастирот.
(Tekst : www.kralemarko.org.mk)