Сопствениците на две или повеќе аптеки во иста општина или на пет или повеќе аптеки на територија на Македонија согласно најновите измени на Законот за лекови и медицински помагала имаат обврска да отворат аптека или аптекарска станица во рурално подрачје (каде живеат до 3.500 жители и досега немало интерес за отворање аптека). Предвидено е олеснување, така што во аптеката ќе може да работи и само фармацевтски техничар. Се овоможува доделување 73 лиценци за отворање нови аптеки, односно аптекарски станици.
Во охридскиот регион нови аптеки ќе се отворат во селата Велгошти и Пештани.
Во овие рурални подрачја ќе има аптекарски пункт, каде ќе има можност лековите да ги издава фармацевтски техничар, а еднаш во неделата ќе врши надзор дипломиран фармацевт за преглед на препишаните и издадени лекови во таа недела. Се работи за поставување правен систем кој придонесува за подобра здравствена заштита на примарно ниво во руралните подрачја во државата кои досега не беа соодветно покриени со аптеки и се очекува по завршување на процедурата во наредните три месеци, да се отворат овие пунктови во руралните средини.
Целиот тој систем практично е еден германски модел на отворање на супсидијарни аптеки со што се овозможува повисока грижа на државата за руралните населени места, односно една политика на државата која што овозможува онаму каде нема финансиска исплатливост тоа да се врзе со места каде што постои финансиска исплатливост за отворање на аптеки.