Македонија денес одбележува 20 години независност.Од овој датум пред две децении стана меѓународен правен субјект во меѓународните односи,основа за секоја држава со сите државни атрибути.
Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ. Согледувајќи ја состојбата во Југославија првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвои Декларацијата за независност на 25 јануари 1991 година. По што следуваше и одлуката за распишување на референдум на 8 септември 1991, со единствено прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“.
На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас). Резултатите сами по себе говорат за успешноста на Референдумот.
На 8 септември, на плоштадот Јосип Броз Тито, денес именуван како Македонија, Претседателот на Референдумската комисија ги соопшти првите резултати, според кои Македонија изгласа да стане независна и суверена држава. По овој повод тогашниот Претседател Киро Глигоров ги поздрави насобраниот народ.