lazara2010 arhivaНа овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар, во она време извршено од Богочовекот Исус Христос. Како што сведочи Светото Евангелие, овој настан бил многу непосредно (или шест дена) пред предавството и убиството на Исус Христос на Голгота.

Толкувачите гледаат во него предобраз и своевидна духовна подготовка на тогашните сведоци за претстојното Христово воскресение. Во секој случај, своевремено Лазаровото воскресение беше доживеано како најсилен доказ за Божественоста на Господ Христос пред тогашните Јудејци и постана камен на сопнување за мнозина. Но оттогаш мнозина и поверуваа во Него како во Спасител. Некои богослови особено ја растолкуваа човечката и Божествената природа Христова кај Лазаровото воскресение, велејќи дека Господ плачеше пред гробот на Лазар заради Својата човечка љубов кон него како мил пријател, а го воскресна со Својата Божествена сила како Бог. Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим. Со Лазарева сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Ги изведуваат девојки во групи одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето.

 

Лазарките му пеат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и општествената положба и за тоа добиваат дарови, најчесто пари. Во овие песни се велича личноста, се посакуват напредок на семејството здравје и среќен живот на поединецот.Лазарките ги најавуваат пролетта и Велигден. Се верува дека лазарките носат радост, среќа и благодат во куќата што ќе ја посетат. Нивната „мисија“ секогаш се одвива на Лазаровден, една недела пред Велигден.
Нивните песни обично се лирско-обредни и раскажуваат за љубовта, за среќата, за мажачка, за женачка, за новороденче, во зависност од тоа во која куќа што има да се опее. Облеката на лазарките треба да биде чиста и блескаво бела, нова и грижливо подготвена еден ден порано, во сабота, попозната како Лазарова сабота. Тие својата кошница ја украсуваат со пролетно цвеќе, секогаш ја носат со себе и во неа ги ставаат јајцата, со кои ги даруваат домаќините што ги посетуваат. Најмалите лазарки се облекуваат во невестински фустани, бели и розови.

На Лазарева Сабота именден празнуваат: Лазар, Лазарка, Лазо.