Лазар Мојсов, еден од бардовите на старата комунистичка гарда од македонско потекло во поранешна Југославија, почина неодамна во Белград, каде живееше повеќе од половина живот. Тој почина на 91 годишна возраст, а да не беа српските медиуми да ја објаваа кратката вест, веројатно во Македонија тоа ќе останеше незабележано.

Мојсов во Македонија по 1991 речиси и не е споменуван, а од неодамнешните написи по медиумите разбравме дека и ретко ја посетувал земјата, вклучително и неговото родно Неготино. Кон крајот на седумдесетите на земјиште добиено од државата изгради викендица во Охрид, која ја продаде во 1991 година, откако, наводно од Македонија биле одбиени неговите понудени услуги во изградбата на новата независна држава.

Потоа, се изначитавме интервјуа и апели во кои, политичката вредност на Мојсов како дипломат и политичар во врвовите на југословенскаа политичка елита се глорифицара до небеса, особено неговите заслуги за тогашна Југославија како долггодишен амбасадор во ООН, па потоа и претседател во едногодишен мандат со Генералното собрание на ООН. Во глорификаците на Мојсов предничеше, особено, Срѓан Керим, директор на МПМ во Македонија, поранешен дипломат на Југославија и Македонија и едно кратко време во 2001 министер за надворешни работи на македонската влада. Човеков, користејќи ја својата позиција во медиумите, „се потсети“ дека во 1983 кога тој почнал да се занимава со дипломатија, му бил асистент на Мојсов, од кого научил многу за дипломатијата.

Во глорификацијата на Мојсов се споменуваат и неговите ставови околу Македонците во Егејска Македонија и како тој се залагал во тогашна Југославија да биде актуелизирано ова прашање од страна на официјален Белград во односите со Атина. Потоа, уште можеше да се прочита дека тој бил во некој вид судир со Киро Глигоров во 1990 и 1991 и дека Глигоров не го сакал, за да остане сам во македонската политика, па поради тоа Мојсов веќе не сакал да стапне во Македонија се до 2006, кога во МАНУ била промовирана негова книга за источните и западните лидери во повоената политика во 20-тиот век. Текстот беше на новата уредничка на Утрински весник Соња Крамарска, а бриферот што се гледаше од Месечината беше Керим.

Значи за Лазар Мојсов можевме да прочитаме еден куп податоци и на некој начин македонските граѓани можеа да се потсетат на овој лик од поновата македонска историја. Но, само една „мал“ детал од неговата биографија, не беше споменат никаде во текстовите објавени за Мојсов.

Во 1946, кога два три месеца по подесената оставка од функцијата претседател на Македонија, Методија Андонов Ченто е уапсен во Прилеп, а потоа експресно, во дводневно судење осуден на 11 години тежок затвор, во сета оваа папазјанија и гадост, во ова страшно предавство на Македонија и македонските национални и државни интереси, извира името на Лазар Мојсов. Имено, претседател на судскиот совет кој му судел на Ченто бил Панта Марина(уште една легенда од Македонија чии раце се окрвавени до лакти, а кој денес се уште се слави во правосудните и универзитетските кругови во Скопје), додека членови на судскиот совет биле Лазар Мојсов и Коле Чашуле. Кариерите и нагорните професионални линии на последниве двајца се очигледни по судскиот процес.

Мојсов од 1948 до 1951 е Јавен обвинител на Македонија. Период во кој стотици Македонци се осудени по линија на Инфо-бирото, а стотици други поради нивната активност околу организации со предзнак ВМРО. Потоа заминува во новинарство, па во дипломатија. Чашуле пак, по судскиот процес исто така станува дипломат во повеќе места на американскито континент, а потоа и министер за култура. Мојсов умира на 91 годишна возраст, а Чашуле на 88 годишна возраст. И двајцата имаа мирна старост во која ги уживаа благодетите од комунистичката кариера. И двајцата се закопани во Алејата на Великаните. Едниот во Скопје, другиот во Белград.

Методија Андонов Ченто, докажан борец за Македонија умира на 55 годишна возраст, при што основна причина се последиците здобиени поради тешката 9 годишна робија во Идризово и шиканирањата потоа.

Лазар Мојсов и Коле Чашуле се ликови кои ќе останат со споменици само на своите гробни места. Илија Андонов Ченто, чие име беше избришано дури и од историските читанки по 1950, иако со задоцнување, Македонија му се оддолжува со споменик во центарот на главниот град, со споменик во Прилеп и со споменици и имиња на училишта и други објекти низ цела Македонија. Историјата и колективната памет, со Божја помош, вистинските вредности сепак ги истакнува, а џелатите остануваат анонимни или полуанонимни.

Затоа, повикувачите на државни активности за одбележување на ликот и делото на покојниот Мојсов, меѓу кои и Керим, треба да знаат дека истото и нив ги чека.

Кога ќе се спомене името на Мојсов Лазар, нам секогаш прв на ум ни излегува името на великанот Ченто. Што и да направил друго добро за Македонија (иако сепак правел многу повеќе за Југославија), на покојниот Лазар Мојсов не може да му го избрише гревот што како млад комунист му го има нанесено на Ченто и на Македонија во глобала!

Авторот на колумната и е познат само на редакцијата на velgosti.com/


Deprecated: trim(): Passing null to parameter #1 ($string) of type string is deprecated in /home/q0y9rzsxk4tw/public_html/velgosti.com/wp-content/plugins/simple-lightbox/includes/class.utilities.php on line 545