110 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА ПРВАТА ВОСТАНИЧКА ЧЕТА ВО ОХРИД И ОХРИДСКО ВО МАНАСТИРОТ „СВ. ВМЧ. ПАРАСКЕВА- ПЕТКА“ ВО ВЕЛГОШТИ ВО 1901 ГОДИНА
На 6 јули, ова 2011 лето Господово, се навршува еден многу значаен јубилеј за еден момент од македонската историја, посебно во охридскиот крај, а тоа е 110 годишнината од формирањето на првата востаничка чета во Охрид и Охридско, која е формирана во манастирот „ Св. вмч. Параскева- Петка“ во Велгошти на 06. VII. 1901 година (110 години: 06. VII. 1901- 06. VII.2011 година).
Манастирот „ Св. вмч. Параскева- Петка“ во Велгошти, Охридско
Во Охрид ТМРО е формаирана во 1894 година. Првиот Охридски револуционерен комитет го основал Дамјан Груев во летото 1894 година. Првите членови биле: Лев Огненов, д-р. Геори Николов, Никола С. Филипчев и Александар Чакар од Струга. Организацијата брзо се ширела во градот и селата. Најголем успех на Охридската револуциoнерна организација е формирањето на револуционерната чета. Свечениот чин се одиграл во манастирот „Св. вмч. Параскева- Петка“ , во Велгошти на 6 јули 1901 година .
Тој факт сам по себе многу зборува. Формирањето на четата во манастирот „Св. вмч. Параскева- Петка“ не е само поради блискоста до Охрид, туку и поради приврзасноста на Велгоштани кон делото на Организацијата. Во манастирот „Св. вмч. Параскева- Петка“ дошле петмина востаници: Дејан Мицкоски (Димитрив), Милош Богданов, Миланин Голев (Дејан, Милош и Миладин биле на печалба во Бугарија. Од таму дошле со цел да се придружат во револуционерната чета. Дејан и другите двајца 17 дена се криеле во родното село Лактиње, а потоа отишле во манастирот „ Сите Светии“ („ Сии Светии“) во с. Лешани. Таму останале еден месец. За нив се грижел игуменот поп Васил Попангелов. Тројцата се сретнале со Христо Узунов и откако тој се уверил во патриотските намери ги вооружил и презел акција за свечено формирање на првата Охридска чета.) Славчо Смилевчето и Тале Горанов. Петмината имале се што било потребно за секој востаник и биле облечени во нова востаничка облека. На формирањето на четата присуствувале Христо Узунов, Андреј Христов, Наум Цветинов, Наум Златарев, Никола Костајчинов (Анастасов), мајка на Христо Узунов, сопругата на Андреј Христов, како и други членови на Организацијата.
Андреј Христов и Наум Цветинов во таа прилика одржале кратки говори, во кои го истакнале макотрпното, но славно минато на Македонскиот народ од Св.Климент, Св. Наум, Самоил до тој свечен чин. Ја истакнале задачата на ТМОРО во борбата против турското ропство и рекле: „Во цела Македонија и Одринско има веќе силна подготвка за слобода. За таа цел и тука во нашава околија се создава, драги јунаци, во вашето лице, првата Охридска чета. Ако вие навистина сте решиле да му служите на тој идеал , ви предлагаме овде да земете заклетва“. Игуменот Анастас Темјанов, облечен во празнично, во најскапа свештеничка облека, ги изговорил зборовите на заклетвата: „ Во името на Таткото и Синот и Светиот дух, и во името На Свети Климент и Света Петка се заколнуваме дека ќе им служиме верно и чесно на принципите на ВМРО, на Охридското револуционерно началство. Ако отстапиме од тие принципи, да бидиме казнети со смрт!!!“.
Во името на Таткото и Синот и Светиот дух, и во името На Свети Климент и Света Петка се заколнуваме дека ќе им служиме верно и чесно на принципите на ВМРО, на Охридското револуционерно началство.
Ако отстапиме од тие принципи, да бидиме казнети со смрт!!!
Така свечено игуманот ја благословил „воскреснатата Самоилова војска во лицето на петмината востаници“. Откако била положена заклетва, за привремен војвода бил определен Тале Горанов, за секретар Славчо Смилевчето, а другите тројца за востаници. На војводата му бил даден Правилникот на Организацијата, како и други упатства за организационо-револуционерна дејност во реонот. Во чест на 80-годишнината од формирањето на првата Охридска револуционелна чета, во манастирот „Св. вмч. Параскева- Петка“ на 27. XI 1982. година Месната заедница од с. Велгошти откри спомен-плоча. Нејзиното откривање било планирано на 22. XII 1981 година, но не успеале да ја извршат свеченоста на тој ден
Спомен плочата поставена на влезот од манастирот за 80 годишниот јубилеј од формирањето, отскриена од страна на месното население од Велгошти на ден 27. XI 1982 година
Четата, како впрочем и во другите реони, била мала, но сепак претставувала вооружена сила која понатаму ќе ја зајакнува Организацијата во околината и во погодно време ќе го крене на востание целото население. Постоењето на ваква вооружена сила поразувачки дејствувало на непријателите и ги храбрело работниците и симпатизерите на Организацијата повеќе од постоењето на легалниот комитет.
Населението се приврзувало кон четата како кон свој закрилник. Таа била вистинската народна власт, авторитетна, справедлива до крајност и моќна да ги наложува своите решенија. Оваа нова власт во Охридско ги прширила своите компетенции врз целокупниот живот на населението, така што за се луѓето се се обраќале на четата. Четите во Охридско, Битолско, Ресенско и во некои други места повеле борба и против застарените и назадни народни обичаи: против скапите накити на селските носии, против златните украси, црвилото и белилото, против да се раздава на задушници јадења, да се колат овни и да се даваат големи гозби за умрени. Охридската организација успеала да создаде навика кај населението да ги слави селските празници без поранешниот луксуз. „Тоа го отфрливме, вели Дејан, го спречивме, остана да се служи в црква и дома пријателите да се почестат со кафе и ракија без гозби. Тие работи се проповедаа уште во почетокот на организирањето“.
Спомен плоча откриена за 90 годишниот јубилеј од формирањето на првата вооружрна чета во Охрид и Охридско на ден 07. VII. 1991 година, поставена во денешната спомен- собата музеј во манастирот
Спомен плоча откриена за 90 годишниот јубилеј од формирањето на првата вооружрна чета во Охрид и Охридско на ден 07. VII. 1991 година, поставена во денешната спомен- собата музеј во манастирот
До формирањето на револуционерната чета, охридските села биле ограбувани, оданочувани со големи даноци од разни арнаутски и турски професионални разбојници. Голем број на жители од селата и од градот, биле убивани по улиците на чаршијата и во селата. Патот Охрид- Ресен, планината Петрино, Дебрца и патот преку Буково за Ресен биле поливани со нивна македонска крв. Разбојниците: Шајнче, Таир, Билјан Баланица, Карабаџак и други биле страшилишта во Охридско. Меѓу многуте жртви на Билјан Баланица бил и велгоштанецот Ѓорѓија Љаткоски. Бил грабнат и одведен кај неговите соработници во Дебарско. Таму го држел 40 дена. За да го пушти барал 13 ќесиња со лири. Неговата фамилија не можела тоа да го стори, па Ѓорѓија успеал една ноќ да избега и преку Коџаџик- ’Ржаново дошол во Дабовјани, од каде во Велгошти бил донесен од некои кираџии. Со појавувањето на четата некои разбојници биле казнувани, а други се повлекле во своите места.
По давањето на заклетвата во манастирот „ Св. вмч. Параскева- Петка“ во Велгошти, четата отишла во Дебрца. Ги обиколила речиси сите села и вршела покрстување на сатри и нови членови, избирајќи ги повидните и покарактерните луѓе. По секое покрстување, во секое село, четата поставувала еден човек за раководител, а по два- тројца за советници кои сами си ги избирале селаните. Откако ја обиколиле Дебрца, четата отишла во Малесија и во Дримкол, и со во подоцнежниот период скоро во сите села во Охридско и Струшко, ширејќи ја мрежата на Организацијата и нејзината дејност во тој регион.
Со одбележувањето на овој значаен 110 годишен јубилеј од еден многу светол момент од нашата богата историја, се надевам дека ќе се покажеме достојни наследници на нашите претци, и достојни чувари на богатото и свето македонско наследство што тие самите ни го оставиле, со аманет и ние истото да им го пренесеме на нашите идни потомци и покленија. Ни останува да Му се заблагодариме На Бога за сé што ни е дадено и за сé што имаме и да се помолиме На Семоќниот Бог за душите на сите праведни и достојни претци кои го положиле својот живот и цело свое битије на олтарот на татковината. Вечен да им биде споменот и нивната слава. Нека ни е честит овој светол 110 годишен јубилеј!
Забелешка: Историски настани се извадени од книгата ВЕЛГОШТИ (Прилог за монографија) од Др. Стојан Ристески издадена во 1982 година.