Како што беше најавено на претходната седница на советот, денеска беше одржана вонредна седница, со единствена точка на дневниот ред – информацијата за состојбите со Охридското Езеро и користење на плажите на крајбрежјето.По тричасовна расправа советниците едногласно усвоија Декларација за зашитта на крајбрежјето и езерото. Декларацијата ќе биде испратена до претседателот на Република Македонија, претседателот на парламентот и Владата на РМ, како и до ресорните министерства за транспорт и врски и министерството за заштита на животната средина и просторно планирање.

 

ПРЕДЛОГ ДЕКЛАРАЦИЈА

1.Советот на општината Охрид свесен за актуелните состојби и еколошки проблеми во сферата на заштитата и унапредувањето на животната средина и посебно на заштитата на Охридското Езеро ја изразува својата загриженост од последиците врз развојот на општината Охрид предизвикани од постојните состојби:
-повеќегодишното ниско ниво на водостојот на Охридското езеро на минимално дозволеното работно ниво регулирано од страна на надлежниот државен орган;
-штетното влијание на непосредната близина на регионалниот пат Охрид – Св.Наум и сообраќајот до крајбрежјето на Охридското Езеро, на источниот дел од брегот;
-наглото зголемување на бројот на пловните објекти со погон на нафтени деривати во Езерото и безредието во регулирањето на водениот сообраќај;
-континуираното загадување на Езерото од реките и каналите во сливното подрачје на Езерото;
-загрозувањето на еко-системот со уништување на трската и другата крајбрежна флора со узурпација на крајбрежјето и депонирање на цврст комунален и друг отпад и градежен шут, како и негативното влијание врз туристичките капацитети од неконтролираното ширење на трската;
-лошата градежна и функционална состојба на пристаништата и каналот Студенчишта;
-безредието и неуреденоста на туристичкиот комплекс Св.Наум;
-нарушување на автентичноста на бреговиот појас и литоралот со изградба на објекти без одобрение за градба пред концесионерите, хотелиерите и автокамповите;
-загадување на Охридското Езеро на делот од Лагадин до Пештани, Трпејца, Љубаништа и Св.Наум од отпадни и фекални води.

2. Заради ваквите состојби во областа на заштитата на Охридското Езеро, Советот на општина Охрид бара од надлежните органи:
-строго контролирано користење на водите на Охридското Езеро;
-соодветна државна контрибуција на средства од користењето на водите од Охридското Езеро за производство на електрична енергија до општина Охрид;
-субвенција кон општина Охрид од страна на државата во санирање на штетни последици врз развојот на туризмот од користењето на водите од Езерото;
-Владата на РМ да изнајде финансиски средства за дислокација на регионалниот пат Охрид – Св.Наум;
-надлежните државни органи да преземат конкретни мерки за средување на безредието во водниот сообраќај во Охридското Езеро;
-надлежните државни институции да преземат соодветни мерки за отстранување на штетните влијанија од коритата на реките и суводолиците вон урбаните подрачја кои носат транзитни количини во Езерото;
-овластените органи во рамки на своите надлежности да преземат мерки за спречување на појавата на узурпација и загадување на крајбрежјето од цврст комунален и друг отпад и градежен шут, како и контролирано ширење на флората на литоралот;
-Владата на РМ и надлежните министерства да преземат соодветни мерки за санација на постојните пристаништа за нормално функционирање на истите, како и изградба на нови пристаништа и марина согласно важечката урбанистичка регулатива;
-надлежните државни институции да преземат конкретни мерки за состојбата во туристичкиот комплекс Св.Наум да биде на нивото кое го заслужува овој простор;
-преземање на соодветни активности од страна на надлежните органи за средување на состојбата со изградба на објекти без соодветно одобрение пред концесионерите на плажите, хотелиерите и авто-камповите;
-Владата на РМ согласно со позитивните законски прописи да учествува во финансирање на изградбата на системот за заштита на Охридското Езеро на потегот од Лагадин до Пештани, како и Трпејца, Љубаништа и Св.Наум.

3.Оваа Декларација ќе биде објавена во „Сл.гласник на општина Охрид“, а ќе биде испратена и до претседателот на РМ, претседателот на парламентот, претседателот на Владата на РМ и до ресорните министерства за транспорт и врски и министерството за животна средина и просторно планирање.

 

Број 07-1886/                                                          Совет на општина Охрид
21.08.2008 година                                                                     Претседател,


                                                                                                 Владо Чингоски с.р.