Прочка или Велики поклади, е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Господ Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

Прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.

Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.

Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.

Поклади во велгошти (емшири)

“Во некои пештери кои датираат длабоко од праисторијата се среќаваат слики на играчи преправени во животни. Народите кои се занимаваат претежно со лов носеле животински маски за да му се прикрадат на дивечот имитирајќи го. Тоа немало само прагматична вредност и цел. Во согласност со првиот принцип на магијата дека истото произведува исто, се делува и на плодноста на животинските врсти кои се добри за јадење. Истите магиски пориви ги среќаваме и десетина илјади години подоцна во магијата за плодност на полињата. Изворната функција на обичаите под маски изгубена и заменета со нови објаснувања, формата го конзервирала периодот кога овие обичаи (во свеста на оние кои ги изведувале) значеле живот и биле непобитна стварност. Што се однесува до раскалашеното однесување на учесниците во маскираните поворки, ласцивните движења, удирањето со стаповите (симболизираат фалус), носењето торби со пепел, (симболизира вулва) и сл. може да се каже дека се тоа елементи кои треба да придонесат за зголемување на плодноста воопшто (кај луѓето, растенијата и животните). Пишани материјали по оваа тема во историјата има многу но да ги напоменам само Менадите – идолопоклонички на Диониз во Грција, кои трчале по планините носејќи маски и срнечки кожи, во екстаза раскинувале живи животни и сирови ги јаделе. Сите тие верувале дека го јадат самиот бог“, вели Цветковски.
Маските не биле во употреба се до првите десетлетија на овој век. Тоа е дојдено преку јудео – еспањол говорот на македонските Евреи во форма маскара – како навредлив збор. Пред тоа се употребувал зборот сурат од истозвучниот арапски збор, кој сме го примиле преку Турците, што значи образ, физиономија.

velgosti.com