Агенцијата за цивилно воздухопловство денеска ја извести јавноста за првичните информации поврзани со вчерашното уривање на авион од типот “Цесна” во близината на Охрид, во која загинаа четири лица. Агенцијата најави дека првичните резултати од истрагата треба да се очекуваат во текот на идната недела.
Во денешната информација се вели: “Вчера на ден 28.08 2008 година, во 12,44 минути во реонот на месноста Скребатно близу селото Лескоец, Охрид, се случи авионска несреќа во која се урна Авион од типот Цесна 172 Н, управуван од пилотот Славчо Георгиев, воедно и сопственик на приватната воздухопловна академија ЕР Скопје, во чие владение беше и воздухопловот. Во несреќата загинаа четири лица, меѓу кои и пилотот Георгиев. Имено, воздухопловот Цесна 172 Н, во 10 часот и 22минути, полетал од Скопје за Охрид, а во 12 и 20 полетал од Охрид во панорамско летање. Веднаш по несреќата, од Секторот за безбедност, сигурност и безбедносни стандарди издаден е налог, инспекторите да се упатат на лице место со цел да го обезбедат воздухопловот и местото на несреќата и заедно со полицијата да извршат увид според одребите од Законот за воздухопловство и Законот за кривична постапка.
Раководителот на секторот за Контрола на летање, со Решение, формира комисија за преслушување на траките на фрекфенцијата за работа во Контролата на летање во Охрид. Комисијата беше должна и направи препис на траката и ја достави до инспекторатот. Земена е изјава од шефот на смена во Контролата на летање во Скопје, контролорот на летање кој работел за време на нереќата, добиена е и изјава од Контролор на летање кој случајно се нашол на местото на несреќата. Обезбедена е и осигурана докуметација за дневните летачки активности на ЕР Скопје, како и документација за одржување на воздухопловот со рег.бр. З 3-ДЦВ.Согласно Законот издадаено е Решение за проверка за стручните способности на Контролорот на летање и извршување вонреден лекарски преглед. Издаден е налог за инспекциска контрола во поглед на одржувањето на воздухопловот, како и користењето на истиот согласно одредбите на Законот за воздухопловство.
Во меѓувреме Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески формира Комисија за испитување на несреќи и сериозни инциденти во водухопловството. Првичните индиции за можните причини за несреќата, укажуваат на тоа дека пред падот на водухопловот, не биле забележани физички оштетувања (чад, пламен), аномалии на авионот.
Ниту пак звукот на моторот укажувал дека нешто не е во ред со леталото. Исто така забележано е дека авионот пред несреќата летал до 50 метри над земја, иако од Контролата му е одобрено изведување на лет во висина од 1000 фити односно 300 метри над терен, што всушност било одобрено на лично барање на пилотот Георгиев. Комисијата за испитување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти во воздухопловство веќе работи на терен. Првичните резултати од истрагата се очекуваат кон средината на идната седмица”.