Жири комисијата во состав: Иван Џепароски (претседател), Славе Ѓорѓо Димоски и Венко Андоноски (членови), на состанокот одржан на 07.08.2010 година, донесе одлука наградата „Живко Чинго“ за 2010 година да му припадне на расказот „Тагата, ах, тагата“ под шифра „Црн Ат“.Автор на расказот е универзитетскиот професор, литературен критичар и писател, охриѓанецот, Димитар Пандев.
Комисијата го изврши изборот во конкуренција од 49 раскази кои пристигнале по објавениот конкурс, а 10 од нив влегле во потесен избор. Но, според Славе Ѓорго Димоски, сепак “наградениот расказ се издвојува од останатите според својата уметничка постапка, како и според интенцијата да фрла нова светлина врз историскиот лик на Константин Миладинов. Авторот низ една палимпсестна постапка го поврзува овој лик со ликовите на низа наши книжевни великани од дваесеттиот век (Гане Тодоровски, Димитар Митрев, Јован Стрезовски, Харалампие Поленаковиќ, Блаже Конески…)”.
Димитар Пандев е филолог и литературен критичар. Роден е на 17 мај 1958 година во Охрид. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Магистрирал на тема „Тиквешкиот зборник – лингвистичка анализа“, а докторирал на темата „Лесновскиот паренезис од 1353 – лингвистичка анализа“. Работи како професор на Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ во Скопје. Работел како лектор и професор по македонски јазик на повеќе универзитети во странство како во Москва, Будимпешта, Краков и во Ниш. Пандев има објавено повеќе научни трудови во монографски изданија и во научни зборници во Македонија и во странство, претежно на општолингвистички и културолошки теми од областа на историјата на македонскиот јазик. Автор и коавтор е на повеќе учебници по македонски јазик за основно и за средно образование. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и на наградата “Гоце Делчев“ за достигнувања во областа на науката. Член на ДПМ од 1987 година.