Советот на министри за внатрешни работи и за правда на земјите членки на ЕУ денеска во Брисел донесе одлука за симнување на шенгенската визна бариера за Македонија, Црна Гора и Србија од 19 декември годинава.
Oдлуката официјално на прес-конференција ја соопштија шведскиот министер за миграција и азил Тоби Билстром и потпретседателот на Европската комисија Жак Баро.
– Одлуката за укинување на визите е од исклучителна важност за натамошниот развој на односите меѓу трите држави и ЕУ. Нивните граѓани ќе можат да го прослават Божик со пријателите и роднините во земјите од шенгенскиот простор каде што отсега можат да влегуваат без визи, рече Балстром.
Укинувањето на визите за Македонија, за Стрбија и за Црна Гора, според оценката на Брисел, претставува и голем чекор напред во процесот на нивна интеграција во ЕУ.
Со одлуката се дополнува регулативата 539/2001 на ЕУ, односно трите земји се префрлаат од „црната“ на „белата“ Шенген листа.
Во текстот на одлуката се наведува дека граѓаните на трите земји се ослободени од обврската за вадење визи за краткорочен престој, до 90 дена во рок од шест месеци, односно до 180 дена во рок од една година, но без можност да работат во државите-членки на ЕУ.
Без визи од 19 декември ќе може да патуваат само лицата кои поседуваат биометриски патни исправи. За граѓаните со стари патни исправи ќе важат условите за олеснет визен режим и тие ќе треба да приложат важечка шенген виза.
Визната либерализација на Македонците ќе им овозможи да патуваат во 25 од 27 земји членки на ЕУ, со исклучок на Велика Британија и Ирска, и во уште три европски земји – Норвешка, Швајцарија и Исланд. Укинувањето на визите се однесува и на Грција, но бидејќи Атина не ги признава македонските патни исправи, на влезот во земјата на патниците ќе им биде издаван лист со печат од царинските власти кој треба да се приложи при излезот од државата. Визи нема да бидат потребни ниту за патувања во Бугарија и Романија, кои се уште не ги исполниле условите за влез во Шенгенот, но ги спроведуваат одлуките на ЕУ.
За подолг престој во ЕУ ќе биде потребна виза од типот „Д“, која се однесува и за студиски и работен престој во Унијата, а се аплицира во амбасадата на земјата-дестинација.
Останува стандардната процедура која се применува за патници од трети земји, при влез во земја членка на Шенген, граничниот службеник да побара образложение за целта на патувањето, местото на престојување и за тоа дали може да го покрие финансиски престојот. За оние граѓани кои не се во можност да го финансираат својот престој, се препорачува да приложат и гарантно писмо од лицето кај кое ќе престојуваат.
Во случај да бидат вратени, граничниот службеник е обврзан да му даде писмено образложение за неговата одлука, кое може да се искористи за поднесување жалба до надлежните органи во таа земја.
Со цел информирање на јавноста во земјата за условите под кои ќе се спроведува безвисниот режим од 19 декември, пред стартот на неговата примена Делегацијата на ЕК во Скопје најави доставување лифлети до повеќе професионални здруженија и туристички агенции, а дел ќе бидат дистрибуирани и преку дневните весници. Информациите за условите за патувањата без визи ќе може да се најдат и на веб страницата на Мисијата на ЕУ во Македонија www.delmkd.ec.europa.eu.
Меѓу препораките се посочува македонските граѓани да внимаваат при изборот на туристичката агенција со која патуваат, да си обезбедат патничко и здравствено осигурување, за патување со свое возило да поседуваат меѓународна возачка дозвола и зелен картон за возилото.
Во моментов, според податоците на МВР, издадени се над 480 илјади биометриски пасоши, што е над 75 проценти од популацијата која патува.
ЕК на 15 јули предложи укинување на визите за Македонија, Србија и Црна Гора од 1 јануари 2010 година, откако оценските мисии на експертите на Комисијата констатираа дека трите земји ги исполниле условите од патоказот за визна либерализација. По иницијатива на Словенија, одлуката за укинување на визите за граѓанитре на трите балкански земји ќе се применува десетина дена порано, односно од 19 декември, годинава. Се оценува и дека олеснетото патување во ЕУ значајно ќе придонесе и кон процесот на евроинтеграција на земјите од Балканот.