Охридската полиција се сомнева дека Живко Ангелески роден 1975 го извршил убиството на неговиот 30 годишнен брат Александар Ангелески чие искасапено тело вчера попладне беше пронајдено над бензинската пума Биљанини Извори на патот за селото Велестово. За охридската јавност убиството се уште останува мистерија. Синоќа и во текот на денешниот ден на информативен разговор беа повикани повеќе луѓе. Иван Пешликоски кој поседува викенд-куќа во реонот каде што се пронајдени деловите од искасапеното тело вели дека досега не забележал ништо сомнително.

„Повеќе од два месеци сме тука во викенд-куќата која се наоѓа над патот и досега не сме забележале ништо.

Доколку забележевме, секако дека ќе пријавевме. Ме изненади помалиот син Борче кога се врати дома со козите ми рече дека над патот имало човек исечен на парчиња. Потоа видов дека има полиција. Инаку од 1972 година сум одел, го носам на пасење добитокот, но досега ништо не се случило” рече Пешликоски.

Граѓаните со кои разговаравме велат дека Александар бил повлечен млад човек, немал постојана работа, а по смртта на неговиот татко пред околу две години претрпел големо разочарување и почнал да пие.

Местото каде беа пронајдени остатоците од телото на жртвата специјални полициски екипи и денес детално го пребаруваа во потрага по докази. За само 4 дена ова е второ убиство во Охрид кое е извршено на свиреп начин  .