Екс министерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски денеска најостро демантираше дека сведочел против Јохан Тарчуловски, како што се тврди на некои провладини медиуми каде е емитуван видео клип од интернет. Бошкоски на прес конференција појасни дека на снимката , која датира од ноември 2004 година, пред хашките истражители чита официјален документ на АРМ за акцијата во Љуботен и го обвини премиерот Никола Груевски дека со конструкциите за наводно предавство сака да го „сврти вниманието на јавноста од тешкиот пораз за името“.
„На снимката, со која сакаат да ме прикажат како предавник, читам веродостоен извештај на АРМ, кој може да се најде на веб страната на Хашкиот суд. Тоа не е моја изјава, туку читање на документ по барање на трибуналот. Притоа, јасно појаснив дека станува збор за легитимна акција, одобрена од претседателот Борис Трајковски“, изјави Бошкоски.
Според него, „режимот Груевски – Ахмети ја злоупотребува снимката за да го прикрие сопственото предавство за промена на името, Уставот и подарувањето македонска територија на Косово“.
„Јас лежев невин 4 години за Македонија, се борев за Македонија и ако треба повторно ќе се борам, а велепредавството, кукавичлукот и лицемерието на Груевски кога тогаш ќе излезе пред судот на народот“, порача Бошкоски на прес конференцијата, која ја одржа во придружба на поширокото раководство и членови на неговата партија Обединети за Македонија.
Изјавите на Бошкоски се предавнички, смета Здружението на граѓани за поддршка на Тарчуловски – Здружението на граѓани за поддршка на Јохан Тарчуловски ги оцени како предавнички изјавите на Љубе Бошкоски дадени на сослушувањето во Пула, Хрватска.
– Сега конечно падна маската на “сестра” Љубе и не може повеќе да го лаже народот и целокупната македонска јавност со неговите хистерични изјави. Што и да каже се е јасно, зошто е тој ослободен, а зошто Јохан е осуден на 12 години затвор, изјави денеска Александар Колевски од Здружението на граѓани за поддршка на Јохан Тарчуловски.
Тој рече дека Љубе ги предал не само Јохан, туку и сите кои со векови се бореле и ќе се борат за Македонија. Адвокатот на Тарчуловски, Јордан Апостолски рече дека изјавите на Бошкоски нема да влијаат врз одлуката на Судот по жалбата на пресудата со која тој е осуден на 12 години затвор. – Се уште ја анализираме оваа изјава и сме изненадени од неа. Во консултации со колегите од Њујорк ќе се договориме за натамошните мерки што ќе ги преземеме, рече адвокатот Апостолски.
Тој истакна дека во овие четири и пол години Јохан не посочил со прст на никого. – Иако имаше шанса да се извади тој од почеток на нашето ангажирање инсистираше на секаков начин да му се помогне на Љубе Бошкоски, рече Апостолски. Обвинувањата од Здружението доаѓаат откако вчера беше објавена снимка во медиумите со дел од изјавите на Љубе Бошкоски во судот во Пула, во врска со случајот за кој тој и Тарчуловски беа судени во Хашкиот трибунал.