Расказот „Коси од розева волница“ под шифрата „Солза“ е добитник на наградата на конкурсот за најдобар кус расказ распишан од Општина Охрид во рамките на манифестацијата „Вечер на Чинго“ . Жирито во состав: м-р Ирена Бачиќ – претседател и членовите: Тоде Илиевски и м-р Милчо Јованоски едногласно го избраа овој расказ за најдобар од 59 -те кои годинава пристигнаа на конкурсот. „ Расказот „ Коси од розева волница” под шифра „Солза” во себе носи една ретко обработувана тема, односно прикажан е спој помеѓу реалниот и натприродниот свет. Овој расказ од кој постојано извираат неверојатно силни емоции кои го изместуваат човека од сопственото лежиште, претставува исповед на душата на една мајка која прерано го напушта светот и го оства своето мало дететенце. Тука, откорнатата мајчината љубов ги побива сите граници на можното или неможното и успева да му се спротивстави на силите на Универзумот за нејзината душа да остане до напуштеното чедо, се до оној момент кога е потребно. Крајот секако е неминовен, но во овој случај тоа не е моментот што го одбрала судбината, туку моментот кога нејзината ќерка ќе почувствува дека е спремна сама да зачекори по животот. Нарацијата е лесна, со чиста мисла, без оптоварување со непотребни описи. Јазикот е лесно прифатлив, композициски речениците се изградени до совршенство и сето тоа придонесува содржината да се восприеми во еден здив,“ образложи жирито. Во конкуренција за единствената награда беа и расказите „Охридски крап“ под шифра „Ивана“ и „ Бавча со зелени патлиџани“под шифра „Пајазит“ На денешната средба со новинарите членовите на жирито соопштија дека на организаторот на конкурсот Општина Охрид му предлагаат да најде сили и можности во иднина да се доделуваат три награди и да се печати збирика од најдобрите пет раскази пристигнати на идните конкурси. На овој начин би се стимулирало литературното творештвото, а читателите би имале на прочит нова и актуелна македонска продукција. Авторот на најдобриот расказ ќе биде награден со 30.000 денари. Наградата за најдобар расказ за Живко Чинго ќе биде врачена на 13 август на традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“ во охридското село Велгошти – родното место на писателот.