Седмоодделенецот Слободан Крлески од Велгошти веќе три месеци живее со надеж дека ќе го добие автомобилот Пежо 207 кој му паднал на наградна игра на „Нестле“ чоколади. Но, тој сеуште не го добил автомобилот затоа што, како што вели, не му го даваат.

„ На визитата на татко ми, Лазара, добив чоколадо „Нестле“. Следниот ден играјќи на компјутер го отворив и забележав дека сум добил автомобил“, раскажува малиот Слободан.


 Семејството Крлески првиот нареден работен ден го контактирало организаторот на наградната игра „Пежо изненадување во Нестле пакување“, Студио маркетинг ЈВТ од Скопје кое ја реализирало наградната игра во име на  Нестле-Адриатик. Од Нестле –   Адриатик како што тврдат од  семејството на добитникот, им било соопштено дека  нема да го добијат автомобилот затоа што наградната игра била завршена, и дека пежото е  доделено на Добре Блажевски од Скопје кој на еден ден пред истекот на наградната игра (15 март 2008 г.) го пријавил добитниот купон со главната награда.

Од семејството Крлески сметаат дека се работи за измама, бидејќи како што изјави таткото на Слободан, Лазар,не може да постојат два добитни купони за една главна награда. „Сметаме дека се работи за измама затоа што наградата е доделена а син ми го има наградниот купон“ вели Лазар Крлески.

По тримесечни обиди да го решат спорот во директна комуникација со застапниците на Нестле во Македонија, семејството на добитникот преку својот адвокат за случајот го известило производителот на чоколадата во Швајцарија, а случајот е пријавен и во СВР  Охрид. „Според Законот за приредување игри на среќа е извршено кривично дело за кое се предвидува казна затвор од 1 до 5 години“, вели адвокатот на семејството Крлески, Сузана Батковска

Адвокатот Батковска не информираше дека семејството случајот го пријавило до надлежните органи и дека покрај автомоболот тоа бара и надомест на штета за претрпениот шок. „Слободан кога му соопштија дека нема да ја добие наградата две недели беше во шок и не јадеше ништо, а на училиште ги намали и оценките и поведението. За тоа некој треба да одговара“, вели таткото Лазар.

 

 

Веста е превземена од www.ohridnews.com