Охридскиот градоначалник Александар Петрески веќе утре ќе побара помош од бугарскиот премиер Бојко Борисов, за како што вели за да спречи катастрофа во Охрид.

 

Премиерот Никола Груевски и македонската влада, вели Петрески, седеле со скрстени раце и воопшто не ги интересирала состојбата. Од Борисов Петрески очекува конкретен одговор, а уште денеска таквата помош му ја побарал преку дел од бугарските медиуми. „Се знае, прво од кого се бара помош. Од комшиите. И мене ќе ми биде големо задоволство првата помош за Охрид да стигне од мојот личен пријател Бојко Борисов. Нормално е критични ситуации да се побара помош од комшијата и јас во тоа не гледам ништо спорно.

Ако сака владата да помогне во Охрид, јас сум тука на располагање, но јас засега не можам да седнам со нив“- Александар Петрески Градоначалник на Охрид Петрески и денеска обвинува дека централните власти во Скопје намерно го кревале нивото на езерото за да се произведувало повеќе струја, односно да се заработеле 30 милиони евра. Инаку, во Охридско-струшкиот регион состојбата денеска остана непроменета. Дождот кој врнеше 24 часа донесе нови количества вода.

Ако нивото на реката Црни Дрим наредниве денови се зголеми најмалку за уште десет сантиметри, тоа според дел од јавните претпријатија, ќе предизвика излевање на пречистителната станица. „Оваа пречистителна станица и овој колектор се проектирани да ги прифаќаат оние отпадни води што се создаваат во домаќинствата и индустријата. Дождовните и подземните води треба да одат во други цевки и да се пренасочуваат кон природните водотеци, кон Црни Дрим и кон Охридското езеро“- Мирче Хаџиевски, претставник на ЈП „Колектор“ Повеќе од 300 литри отпадна вода во секунда колекторот веќе нема капацитет да ги прочисти, па се влеваат директно во Црни Дрим, велат од ова јавно претпријатие. Инаку, денеска беа отворени сите седум порти на испустот на реката кај Стругa.

 

Извор : macedonia-news.info