Агенцијата “Рејтинг“ изврши испитување на јавното мислење во шест општини во пресрет на претстојните локални избори, и според истражувањето СДСМ таргетира, ВМРО-ДПМНЕ победува. Иако речиси е сигурно дека Александар Петрески во Охрид и Зоран Дамјановски во Куманово ќе бидат градоначалници на СДСМ во овие општини, тие својот четиригодишен мандат најверојатно ќе треба да го поминат со вмровски советници.
Во сите шест општини опфатени со испитувањето на јавното мислење, ВМРО-ДПМНЕ има повисок рејтинг за советничките листи од СДСМ, напролет, додека власта и политичките партии треба да ја докажат својата политичка зрелост и да организираат избори по европски вкус, македонските граѓани ќе имаат можност за прв пат вистински да гласаат според своите убедувања и потреби.
Анкетата покажува дека при изборот на градоначалници, кај избирачите нема да биде одлучувачка политичката припадност на кандидатот за градоначалник, туку што тој сработил до сега во својата лична кариера, личното познанство, неговата претходна професија и слично. При изборот за советнички листи, мотивите на гласачите најверојатно ќе бидат поинакви. За тоа која листа ќе ја заокружуваат, граѓаните најверојатно ќе се водат од тоа какви политички убедувања имаат, т.е. на која партија се симпатизери или членови.
Она на што укажуваат досегашните активности на најголемите партии, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ, е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на кампања која ќе ги опфаќа сите општини, додека СДСМ, пак, поради слабиот рејтинг, кој според анкетите изнесува само 11 проценти (исто колку и албанскиот партнер во власта ДУИ), ќе се концентрира само на неколку општини во кои победата речиси им е извесна. Испитувањето беше извршено со помош на телефонска анкета со која врз основа на репрезентативен примерок беа опфатени по 200 испитаници во општините Прилеп и Битола (во кои локалната самоуправа од 2005 година до денес е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ) и општините Струмица, Куманово, Охрид и Штип во кои локалната самоуправа од 2005 година до денес беше во рацете на СДСМ.