Од неодамна советничката група на ВМРО ДПМНЕ во Советот на Општина Охрид има нов координатор. Тоа е младиот советник Илија Арнаудоски од Велгошти „Јас сум млад човек полн со енергија и желба постојано интелектуално да се усовршувам, па кога ќе се спојат енергијата и севкупното образование се отвора голем простор за креативност при предлагањето на темите во советот,“вели Арнаудоски кој дипломирал Факултет за безбедност и финансиска контрола.
Тој е уверен во политиките на власта и вели: „Граѓаните го препознаа тој одговорен пристап кон донесувањето на одлуките и ни ја дадоа довербата со освојување на голем број гласови и на локалните избори.“
На Илија, како на млад човек му пречи трендот на иселувањето од Охрид и верува дека напорите кои ги прави градоначалникот Никола Бакрачески за заживување на индустријата и отворањето нови продуктивни работни места ќе се оствари. Еве што друго рече Арнаудоски во интервјуто за „Охрид1“ реализирано деновиве:
Од неодамна Вие сте на чело на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ во Советот на општина Охрид. Како гледате на оваа одговорна функција и задача?
Да се биде координатор на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ во Советот на општина Охрид е голема одговорност, пред се поради фактот што ВМРО – ДПМНЕ има мнозинство во советот, а и поради фактот што на локалните избори добивме огромна доверба од граѓаните. За мене оваа функција претставува предизвик и можност заедно со советничката група да носиме одлуки кои ќе бидат од корист за граѓаните и значително ќе придонесат за подобрување на животот во Охрид
Колку доаѓа до израз Вашето образование има ли простор за креативност во предлагањето на темите и задачите ?
Имам дипломирано на Факултетот за безбедност и финансиска контрола, и мислам дека секое познавање од одредена област кога -тогаш доаѓа до израз. Наше е постојано да учиме и осознаваме и во рамките на нашите финансиски можности интелектуално да се надградуваме. Јас сум од оние луѓе кои веруваат дека до крајот на животот може да се учи, во таа насока посебно ги поздравувам Владините мерки со кои се овозможува секој човек, и повозрасен да има можност да заврши високо образование. За интелектуалното усовршување никогаш не е доцна. Кога имам прилика а тоа е многу често посетувам семинари и обуки кои доста ми помагаат во креирањето на мојот лик како советник во градскиот совет. Јас сум млад човек полн со енергија и желба постојано интелектуално да се усовршувам, па кога ќе се спојат енергијата и севкупното образование се отвора голем простор за креативност при предлагањето на темите во советот.
Вашата партија го има мнозинството во Советот Ве прави ли тоа по комотни при донесувањето на одлуки или бара од Вас далеку поодговорен однос како партија?
Мнозинството во Советот ни дава сигурност од гледна точка што не можеме да бидеме опструирани од страна на опозицијата поради политички причини. Мнозинството како такво секако дека бара поодговорен однос. Одговорниот пристап кон донесувањето на одлуките за нас не доаѓа од моментот кога го добивме мнозинството во Советот, тоа кај нас датира од времето кога бевме опозиција која жестоко се спротивставуваше на неодговорниот пристап при носењето на одлуките во советот со кои им се нанесуваше трајна штета на охриѓани. Токму тогаш граѓаните го препознаа тој одговорен пристап кон донесувањето на одлуките и ни ја дадоа довербата со освојување на голем број гласови на локалните избори.
Поминаа неколку жешки точки . Што ве чека до летниот советнички одмор. Кои точки треба да поминат и да се изгласаат во Советот?
Секоја точка која ја изгласуваме е подеднакво битна за нас затоа што сите тие се однесуваат на Охрид и охриѓани. На дваесет и петтата седница на Советот на општина Охрид која се одржа неодамна беа разрешени старите и именувани нови членови на Управните и Надзорните одбори во јавните претпријатија во Охрид. На седницата беше изгласан и летниот режим на сообраќај а за еден односно два часа се продолжи работното време на угостителите. Ја усвоивме и Развојната програма за поттикнување на развојот на туризмот на општина Охрид за 2014-2016 година. Се даде зелено светло и за отворање на дисперзирани детски градинки во ОУ “Кочо Рацин“ и “Св. Наум Охридски“ во село Пештани. На дневен ред беа и неколку точки од областа на урбанизмот. Повторно ќе кажам се што се однесува на Охрид и охриѓани за нас е многу битно и се што настојуваме да изгласаме е за поубав Охрид и создавање подобри услови за живот на охриѓани.
Млад човек сте – се потпирате ли на искуството на постарите и по години, ама и по стаж во политиката? Ве прифаќаат ли колегите советници?
Искуството на повозрасните преточено преку енергијата на младите е секогаш добитна комбинација. Токму така функционира советничката група на ВМРО – ДПМНЕ. Со колегите советници имаме одлична соработка и комуникација, било тоа да се од позиција или од опозиција.
Што како на млад човек ви пречи во градов и сакате за брзо да се смени?
Како млад човек, најмногу ми пречи иселувањето на младите од градов. Тренд кој е започнат години наназад. Посакувам, а и најискрено се надевам дека со нашата посветена работа и со заложбите на градоначалникот Никола Бакрачески за подобрување на животниот стандард во нашиот град, овој непопуларен тренд набрзо ќе престане и ќе заживее обратниот, младите да се враќаат во Охрид. Во таа насока ги поздравувам и напорите на градоначалникот Бакрачески за привлекување странски инвестиции во Охрид како и неговите залагања за индустриски развој на Охрид кој ќе овозможи отворање нови работни места.
Каде на одмор ова лето?
Бидејќи сум вљубеник во Охрид, најголем дел од одморот ќе го поминам на охридските плажи.
Извор „Охрид1 “