76779Света упокоена литургија утрово беше отслужена во црквата „Успение на Пресвета Богородица” во Крушево, за две години од трагичната смрт на музичката икона Тоше Проески.

Тага и болка во сеќавањата и утеха во спомените за Тоше бараат неговите најблиски,  крушевчани и сите  почитувачи, кои денеска се собраа на неговото вечно почивалиште на Гумење.Низ пламенот од свеќите, околу гробот на Тоше не се добројуваат пораките, желбите, сеќавањата и солзите за Тоше.

На поклонение се и осуммина планинари од друштвото „Бел камен” од Радовиш. Втора година тие поминуваат меморијален марш до Крушево, изминувајќи  150 километри.

– Тоше беше голем човек. Неговото дело е капка в море  од она што ние го правиме. Овој меморијален марш  му го посветуваме нему, зашто  неговата добрина е бескрајна. Овој марш е голема желба, изјави планинарот Љупчо Јованов.

Андреј Николоски од Фондацијата „Тоше Проески“ рече дека дојдени се фанови од сите балкански земји. – Очигледна е нивната болка денеска.  Во овие две години Крушево не е исто место без Тоше иако, на некој начин, Крушево  се почесто се спомнува и е посетено токму поради Тоше,  изјави Николоски.

Во 6.20 часот од Нова Градишка тргнаа 15 маратонци кои во спротивен правец ќе го поминат последниот пат на Тоше. Во Крушево  ќе стигнат в понеделник напладне за да се поклонат на неговиот гроб. Утре тие ќе бидат пред белградска „Арена“, а в недела во 18 часот треба да стигнат на плоштадот во Скопје.

 

Фондацијата „Тоше Проески“ денеска попладне организира меморијален турнир во одбојка  со четири екипи, меѓу кои е и екипата  „Синалко” која ја формираше Тоше.

Николоски информираше за активностите на Фондацијата за продолжување на ликот и делото на Тоше. – Почнавме со  подготовките за одржување на големиот, веќе традиционален  концерт,  кој годинава ќе се одржи на 25 јануари – на роденденот на Тоше. Концептот е направен и ќе биде еден од најголемите настани на посторот на поранешна Југославија, рече Николоски.

До крајот на годинава ќе заврши изградабата на Спомен-куќата за Тоше на Гумење, а догодина таа ќе биде отворена за посетителите, најави Каљопи Бојческа, директорка на Историскиот музеј во Крушево.

Спомен-куќата се гради на местото каде што Тоше имаше желба да направи музичко студио. – Работите одат според предвидените рокови и се очекува веќе следната година да биде отворена за посетителите. Таа го претставува сето она што тој беше – цврстина, вера и љубов. Секој посетител кој ќе ја посети, ќе го почувствува духот, ќе го почувствува сето она што беше Тодор Проески, додаде Бојческа.

Градоначалникот на Крушево Василчо Дамчески рече дека Крушево тагува без Тоше и оти општината заедно со државата работи на неколку проекти.

–  Изминаа две години од тажниот миг кога останавме без нашата икона и без нашиот сограѓанин Тоше Проески. Во изминаттов период државата  и општината направија неколку работи кои достојно треба да го одбележат неговите лик и дело и да останат во трајно сеќавање на сите граѓани, истакна Дамчески.

Тој потсети на пуштањето на  патот до манастирот „Свето Преображение“, како и патот до месноста Вршник каде што треба да се извишува крст од 33 метри. Во завршна фаза е и спомен-куќата, а и реконструкцијата на улицата „Тоше Проески”. По желба на семејството на Тоше,  предвидено е да се уреди гробното место и да се изгради црквата. Задолжен за проектот и изградбата е Собранието на Република Македонија.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во близина на Нова Градишка, на пат кон Загреб. Несреќата на џипот „туарег“ ја преживеаја  возачот Ѓорѓи Ѓорѓевски и  менаџерката на Тоше Љиљана Петровиќ.