Република Македонија денеска одбележува 68 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна.
Со нападот на борците од Првиот прилепски партизански одред врз бугарскиот полициски участок и врз телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп на 11 октомври 1941 година беше означен почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за конечно ослободување на земјата.
Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред. 11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.
Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.
Државниот празник 11 Октомври во земјава се обележува со бројни активности, денеска беше доделена и државното признание за посебни достигнувања во науката и образованието „11 Октомври“.
Државното признание за животно дело и посебен придонес во науката, образованието и други области од државен интерес годинава замина во рацете на признатиот нефролог и член на МАНУ Момир Поленаковиќ.
Наградата во македонското Собрание му ја додели академик Благој Попов, а се однесува на големиот придонес на Поленаковиќ за истражувачката дејност на бубрежните болести како и за лечењето на бубрежно болните со најнови методи.
„Оваа награда ја чувствувам како признание за 50 годишната истражувачка кариера во медицинската дејност особено во нефрлогијата за време на која лекував бубрежно болни. Ја чувствувам и како признание за моите колеги и здравствени работници со кои соработував долго време. Здравјето на нашите пациенти