Голем број раскази, кои ќе ја надминат бројката од минатата година, се очекуваат да пристигнат на конкурсот за најдобар расказ за наградата „Живко Чинго”.
Конкурсот што трациционално по четврти пат го распиша Општина Охрид е во рамките на манифестацијата „Вечери на Чинго” , која на 13-ти август ќе се одржи во Велгошти, родното место на најдобриот македонски раскажувач.
Секоја наредна година интересот за конкурсот за најдобар расказ по повод традиционалната манифестација „Вечери на Живко Чинго” е се поголем, а квалитетот на пристигнатите раскази е на се повисоко ниво.
– И годинава Општина Охрид во рамките на своите можности ќе направи барем делумно да се оддолжи на великанот на македонската литература, најдобриот мајстор на кусиот расказ, не само на овие простори, туку и пошироко. Се надеваме дека и оваа година квалитетот ќе оди во нагорна линија, вели Митре Велјаноски од Општина Охрид.
Литературните дејци од Охрид, но и пошироко, се повеќе и оддаваат значење на оваа манифестација, паралелно со интересот на граѓаните кои ги испраќаат своите раскази на конкурсот.
– Луѓето од овој еснаф се повеќе му даваат значење на овој конкурс. Првата година имаше три најдобри раскази, но жири комисијата одлучи дека подобро е да биде само еден. Од минатата година, а така и годинава ќе се избира само еден расказ, објаснува Велјаноски.
На конкурсот може да учествува секој полнолетен граѓанин на Република Македонија. Расказите се испраќаат во три примероци под шифра, на адреса на Општина Охрид, сé до 30-ти овој месец, додека авторството се докажува со четвртиот примерок. Жири комисијата до 8-ми август ќе го соопшти насловот на најдобриот расказ, шифрата под која е испратен и ќе го објави во еден од дневните весници, во кој беше објавен и самиот конкурс.
Наградата за најдобриот расказ во вредност од 30.000 денари ќе му биде врачена на добитникот на 13-ти август на самата манифестација.