Традиционално, и годинава, Националниот празник Илинден ќе биде достоинствено одбележан . Бројните манифестации и културни настани кои се случуваат во Охрид во последната седмица на јули и првата седмица на август, се посветени на одбележувањето на овој свет Ден за македонската самобитност. Годинава се слават 106 години од Илинденската епопеја и јубилејни 65 години од првото заседание на АСНОМ.
Одбележувањето на Илинден ќе започне вечерта на 1 август во 19 часот и 30 минути во Велгошти. На свеченоста свое обраќање ќе има градоначалникот Александар Петрески кој во име на општината ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на Илинденците. На втори август во 9 часот и 30 минути, делегации на Општина Охрид, Сојузот на Борците од НОВ и други институции и организации, во градскиот парк, ќе положат свежо цвеќе пред спомениците на Методи Патче и Христо Узунов и хероите од НОБ Спас Банџов и Андон Дуков, како и пред бистата на Мите Богоески во средното економско училиште. Исто така, свежо цвеќе ќе биде положено и на спомен плочата кај легендарниот Прентов Мост.