Во атарот на Манастирот „Св. Петка“ во Велгошти, се одржа традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“.
„Вечерва,токму овде, до манастирот Св. Петка, се собравме, уште еднаш, во знак на вечната меморија, да го чествуваме ликот и делото на големиот Живко Чинго. Со оваа манифестација, што ја организираат Општина Охрид и Месната заедница од Велгошти, на најискрен начин покажуваме дека никогаш нема да избледат сеќавањата и почитта кон најголемиот македонски раскажувач,неповторливиот книжевник,големиот човек и пријател Живко Чинго.“ рече претседателот на Советот на општина Охрид, Душко Јаковчески.
Длабоко сме уверени дека токму Велгошти,Охрид, а особено манастирот „Света Петка“ и погледот од чардакот кон големата вода, нераскинливо се поврзани со делата на Живко Чинго. Творештвото на Чинго се вреднува во врвот на современата македонска литература , а преку преводите е дел од светското книжевно наследство.“
Во рамките на свеченоста, претседателот на Советот, Душко Јаковчески, на добитничката Сузана Ѓорѓиевска и ја врачи наградата „Живко Чинго“ за расказот „Влегување во песната“.
Во културно-уметничкиот дел на програмата настапија младите Дејан Милевски (гитара), Томислав Нестороски (хармоника) и Анастасија Милевска (гитара). Особено воодушевување на вечерта на чествувањето на Живко Чинго предизвика настапот на мултиинструменталистот Вангел Мачкоски. Мачкоски со својата атркакција „Vangel Macedonia show“ настапува веќе 32 години ширум светот, а познат е и по бројните настапи на интернационалниот фестивал во Риека, Загребачкиот Интернационален фестивал како и по неговите настапи на Охридско и Битолско лето. Моментално живее и работи во Палма Де Мајорка, Шпанија, а често доаѓа во Македонија учествувајќи во проектите за етно македонска музика.
Чествувањето заврши со настап на културно – уметничкото друштво „Илинден“ од Велгошти.