Вонредна временска прогноза со најави за врнежи од дожд и снег и значително ниски температури, за Македонија и регионот, објави за денеска Хидрометеролошкиот завод.
Врнежите од дожд кои ќе почнат да паѓаат рано утрината постепено ќе преминуваат во врнежи од снег и на пониските места. На повеќе места ќе се формира снежна покривка.
Дневната температура значително ќе падне, а ќе дува и умерен до засилен северен ветер.
Студено и со слаби врнежи од снег ќе биде и в недела. В понеделник утринските температури ќе се спуштат и до минус десет степени.
Викендов времето ќе се влоши и во другите држави од регионот. Нациналната метеоролошка служба во Романија објави втор степен на вонредна состојба за планинските реони, каде денеска се очекуваат силни бури и врнежи од снег.
Во Турција синоптичарите ги предупредуваат граѓаните дека студен бран ќе ја зафати целата држава, а во реонот на Мраморното море се очекуваат бури и поројни дождови.
Ниски температури викендов ќе ги зафатат Грција и Хрватска.