Научници од повеќе области од целиот свет ќе го истражуваат Охридското Езеро, за да ја утврдат точно неговата старост.
Тоа треба да даде одговор на бројни научни прашања, велат експертите од Хидробиолошкиот институт од Охрид кој е организатор на експертската работилница што денеска започна во Охрид, јави дописникот на Макфакс.
На четиридневната конференцијата на која учествуваат околу 40 научни работници од Европа и пошироко ќе бидат сублимирани досегашните резултати од истражувањата на староста на Охридското Езеро кое е едно од најбогатите природни езера со ендемски видови во светот, изјави Гоце Костоски-директор на Хидробиолошкиот институт во Охрид.
Прелиминарните испитувања покажале дека Охридското Езеро е старо помеѓу 3-4 милиони години.
Во Охридското Езеро има преку 200 уникатни ендемски организми кои живеат само тука и никаде на друго место во светот, вели Томас Вилке специјалист за генетски истражувања од Универзитетот во Гизен-Германија. Зошто е така сеуште не знаеме, вели професорот Вилке.
Првичните истражувања покажаа дека Охридското Езеро доживеало големи климатски и тектонски промени, вели професорот Бернд Вагнер од универзитетот во Келн.
Тој појасни дека регионот е сеизмички активен и дека со истражувањето на седиментот ќе бидат утврдени сите промени кои настанале во Охридското Езеро во изминатите милениуми.
На научната работилница во Охрид треба да се формира менаџерски тим кој ќе ги води интернационалните научни истражувања на Охридското Езеро, кои ќе започнат во 2010 година.