После 20 години улицата „Воденичарска“ доби нов лик. Денес свечено беше пуштена во употреба реконструираната улица заедно со споредните кракови.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески истакна дека реконструкцијата на улицата е плод на добрата соработка на Локалната со жителите на ова населено место.
„Вкупната реконструирана површина е околу 700 квадратни метри, со вредност на проектот од 1 милион денари. Можеби изгледа како мал проект за општина како Охрид, но е голем за жителите кои живеат на ова место и очигледно дека задоволството на мештаните е големо, со оглед на тоа што за првпат оваа улица адекватно се уредува“, рече Бакрачески.
Тој информираше дека Локалната самоуправа не застанува тука и дека во периодот што следи ќе бидат реализирани и други проекти за Велгошти.
Жителите на Велгошти изразија благодарност до Општина Охрид за новиот лик на улицата по цели 20 години.
„Им се заблагодаруваме на градоначалникот и Општина Охрид, зашто после 20 години конечно некој успеа да ни ја направи улицата“, рече Глигор Шибакоски, жител на Велгошти.
Од страна на градоначалникот Бакрачески беше потенцирано дека во моментов се работи на подобрување на водоводните инсталации, односно на притисокот на водата на кракот кој го снабдува долниот дел од Велгошти со вода. За две до три недели екипите на „Проаква“ ќе го завршат овој проект и со тоа ќе се реализира уште едно барање на жителите на Велгошти кои во летните месеци кога водоводната мрежа е преоптеретена се соочуваат со помал притисок и недостаток на вода.
Извор: ОХРИД 24