Ѓорге Иванов и официјално е претседател на државава. Со високи воени почести тој беше пречекан од претседателот во заминување Бранко Црвенковски, а потоа во претседателскиот кабинет беше направено примопредавање на функциите.
Мојата политичка агенда е јасна и недвосмислена: Македонија членка на НАТО и на ЕУ, силна, почитувана и рамноправна, а нејзините граѓани горди, богати и среќни. За таа цел, Македонија продолжува да чекори без запирање на патот на евроатлантските интеграции, водејќи одговорна надворешна и внатрешна политика, посветено спроведувајќи ги највисоките стандарди. Сакам јасно да порачам: Јас сум претседател, еден и еднаков за сите граѓани.
Оваа порака до македонските граѓани денеска ја испрати во својот прв говор новиот македонски претседател Ѓоргe Иванов.
– Функцијата претседател за мене е пред се должност, која ја презедов пред граѓаните на Македонија. Оваа голема должност не познава политички опции, етнички или религиозни, културни или локални разлики, рече Иванов, посочувајќи дека ќе го вложи целиот свој капацитет и кредибилитет за добросостојбата на државата и граѓаните.
Истакнувајќи го значењето на Македонија како срце на Балканот, тој посочи дека таа „е алка која ги обединува световите и треба да претставува најважна европска точка која ќе произведе не само балканско, туку и европско помирување на Истокот и Западот, на Христијанството и Исламот, на сите разновидни култури што го чинат Балканот и Европа побогати.
Особено внимание, како што наведе Иванов ќе посвети на односите со Република Грција.
– Ќе сторам се односите меѓу двете земји да се развиваат во духот на добрососедството и заемната доверба. Несомнено е дека споделуваме заеднички европски вредности, го сонуваме истиот европски сон, го разбираме Балканот како колевка на европската култура, истакна новиот македонски претседател. Нагласи дека е длабоко убеден оти дел од прашањата што ги обременуваат односите меѓу двете соседни држави, а особено културата и традициите, имаат капацитет да бидат мост на соработка и промотор на нов циклус на просперитет во регионот.
Иванов исткана дека ќе продолжи да работи кон јакнење и продлабочување на заемната доверба и пријателство со пријателите и сојузници – САД, земјите на Европската унија, Турција, но и Русија, Кина, Индија и уште многу други земји.
– Како Претседател на Република Македонија и на сите нејзини граѓани должен сум да потсетам и нагласам: Наспроти сите напори на нашата надворешна политика, мора да знаеме дека почитта во странство најлесно се печали дома. Затоа сме должни да опстанеме на патот на реформите и на изградбата на модерно, силно, здраво, конкурентно и просперитетно општество, истакна новиот шеф на државата.
Од собранието Иванов замина во новата претседателска резиденција за да ги пречека колегите од регионот кои учествуваа на церемонијата на инаугурација, албанскиот претседател Топи, црногорскиот Вујановиќ, хрватскиот Месиќ и претседателот на Србија Тадиќ.