Хуманитарниот концерт во чест на Тоше

Во чест на македонскaта музичка икона Тоше Проески вечерва на Градскиот стадион во Скопје ќе се одржи голем хуманитарен меѓународен концерт насловeн „Те сакаме сите Тоше“

 

 

Покровител на концертот е Владата на Република Македонија и Министерството за култура, а организатор е Меѓународната фондација Тоше Проески – Крушево.

На концертот ќе настапат пејачи и групи од Македонија и од странство меѓу кои Калиопи, Наум Петрески, Аки Рахимовски, Адријан Гаџа, Руслана, Синтезис, Биља Крстиќ, Марија Шестиќ, Бојан Маровиќ, Гоца Тржан, Тони Цетински, Жељко Самарџиќ, оркестарот на Македонската опера и балет под диригенство на Саша Николовски – Ѓумар, како и бендот на Тоше. Водители ќе бидат Ели Танаскова, Игор Џамбазов и Тони Михајловски.

Отворени се и донаторски линии на кои заинтересираните преку бројот 143-100 од мрежата на Космофон, ВИП, T-Home и Македонски телекомуникации со или без префикс можат да донираат 100 денари. Фондацијата „Тоше Проески“ по завршувањето на концертот ќе одлучи каде да ги донира средствата од билетите и хуманитарната линија.

Организаторите планираат концертот со меѓународна димензија да се одржува секоја година на истиот датум – 5 октомври.