Во дворот на црквата „ Св. Спас“ во Горно Лакочереј, се одржа третата по ред “Ѓомлезијада”. И покрај големиот интерес, поради ограниченоста на просторот, на неа учествуваа само 20 натпреварувачи кои го подготвуваа овој специјалитет.
Присутни беа гости од цела Македонија, но и од Холандија. Целта е да покажеме дека Македонија е гостопримлива земја, во која гостите имаат можност да вкусат најразлични домашни специјалитети, изјави Климе Тренсеки, кој учествуваше во организацијата на Ѓомлезијадата.
-Ѓомлезето приготвено од Златана Николоска ја воодушеви жири комисијата, кое и ја додели титулата победник на манифестацијата „Ѓомлезијада 2011“. Николоска доби награда од 10.000 денери, второ наградената Лиле Кароска беше наградена со 6.000, а тратата награда која изнесуваше 4.000 денари ја поделија Марио Настески и Емилија Мојсоска.
Како што рече градоначалникот Александар Петрески, ѓомлезијадата веќе стана традиција, која општината ќе ја продолжи и во иднина.
– Почнавме во Велестово, па во Скребатно, и еве сега сме во Горно Лакочереј. Секоја година ќе ја организираме во различни села. Со ова сакаме на гостите да им понудиме дел од македонските традиционални јадења, особено она што го нема кај нив. Во нашата стратегија за развој имаме зацртано туристичката сезона да трае 12 месеци и секако руралниот туризам зазема големо значење, рече Петрески.
Меѓу 20- те натпреварувачи беше и Стефан Димитриевски, кој потенцира дека со задоволство го подготвува ѓомлезето, кој уште како мал гледал како се прави.
– Овие специјалитети ги правеле и нашите мајки и баби. Ѓомлезето, качамакот, зелникот беа специјалитети на сиромашните, но сега си го добија своето место кај сите, па и во комерцијални цели. Сум гледал како прават ѓомлезе моите баби, мајка ми, а веќе и јас тоа го правам на аматерски начин, вели Димитриески.