Православните христијански верници во Македонија денеска го  слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат Божикни литургии.

Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи златоустова литургија.

 

                         Божикна порака на архиепископот г.г. Стефан

 Рождеството Христово – раѓањето на Бога како човек, е настан од сеопшто значење, настан во  кој се соединиле несоздаденото и создаденото, надвременото и временото, се соединиле Бог и човекот.
Бог слегол од небесата на земјата, од престолот на славата во витлеемската пастирска пештера.
Така, спасението на човекот не е од човек, ниту од ангел, туку е од највисоките височини – од Бога. И со доаѓањето на земјата на Богочовекот – Господ Исус Христос, се објасниле сите тајни, зашто невидливото постанало и видливо, небесното и земно, божественото и човечко.

Возљубени празникољубци,
Основната вистина за настанот на овој ден е да ја сфатиме токму тајната за единиот и вистински Бог и тајната – што  е човекот?
Бог, Кој е љубов, се раѓа како човек, за да постане близок и пристапен за луѓето; се раѓа како човек за да можеме да разбереме дека Тој е вечната Вистина; се раѓа како човек за да ја почувствуваме вечната Правда; се раѓа како вечен Живот за да разбереме што е бескрајно и вечно!
Конечно, со Божик ја разбравме и тајната на човекот, тајната дека ние луѓето сме икона и лик Божји на земјата. Бог постана човек, за да ја видиме боголикоста во нас и преку Него самиот да разбереме што сме ние луѓето. – Богочовекот Христос ни ја откри сета тајна и за Себе и сета тајна за човечкиот род.
Но, Рождеството Христово не е само нешто што некогаш било, туку е настан кој е постојано присутен во животот на секој христијанин и во животот на Светата Црква.
Празнувајќи во спомен на тој голем ден, и оваа година да земеме учество во радоста на торжествениот празник, за да го почувствуваме благословот од доаѓањето на Христа Спасителот во светот. Славејќи го спасоносниот настан од Витлеем, со кој на човекот преку Христа му е дарувано она што преку Адама било изгубено, радосно да воскликнеме со пастирите, да запееме со ангелите, да се поклониме со мудреците, молејќи се да се зачува мирот, да се зголеми љубовта, да се зацврсти единството меѓу нашиот народ, па со Божја помош – конечно да се разбере и прифати нашата црковна и национална македонска вистина.

Возљубени,
И денес, но и во сите дни, да не забораваме дека единствено со животот и делата можеме да го потврдиме и оправдаме името што го носиме, името христијанин, име кое сме го добиле по Христа родениот денес, родениот заради нас и нашето спасение.
Христос се роди! Честито и од Бога благословено Новото лето Господово!

 

.:Macedonia News:. – 7.01.2009.