Велгошти, родното село на еден од основоположниците на современата македонска литература Живко Чинго, беше домаќин на традиционалното чествување на родениот ден на писателот.

Поетската вечер посветена на Чинго се одржува во непосредна близина на црквата Света Петка, опкружена од питома природна убавина каде самиот Чинго често доаѓал.

На манифестацијата говореше градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, и меѓу другото истакна:
Почитувано семејство на Живко Чинго, Почитувани домаќини, Драги гости,
Велгошти е специфична и посебна населба по многу одлики и особености. Посебно е по тоа што нема семејство во кое нема барем еден доктор на науки. Посебно е по прекрасните цркви и манастири и односот на велгоштани кон овие верски храмови. Посебно е по привилегијата од високо да ги гледа убавините на Охрид и Охридското Езеро. Сепак, Велгошти е најпосебно, најспецифично и најоригинално по фактот што токму тука е роден најголемиот македонски раскажувач, големиот и неповторлив писател, Живко Чинго.
Преку литературното творештво на Живко Чинго, кое е преведено на сите светски  јазици, името на Велгошти, Охрид и Македонија е промовирано на сите континенти.
Неговите разкази, романи и драми се светско културно богатство и најдобар амбасадор на Република Македонија. Но, за жал, и оваа, како и претходните три години, почитуваната  министерка за култура не најде за потребно барем со букет цвеќе да го удостои големото дело на великиот Живко Чинго.
Поносни и горди сме што Живко Чинго беше наш сограѓанин.
Поносни и горди сме што го вративме достоинството на Манифестацијата која го носи неговото име. Поносни и горди сме што пред четири години го востановивме Наградниот конкурс за краток расказ, на кој, според зборовите на еминентните членови на Жири-комисијата, од година во година стигнуваат се подобри и подобри раскази.
Им благодарам на сите кои со свои раскази учествуваа на Конкурсот, а му честитам на победникот. Им благодарам на членовите на Жири-комисијата: проф. др. Иван Џепароски; проф. др. Венко Андоноски и Славе Ѓорѓо Димоски;

Почитувани почитувачи на ликот и делото на Живко Чинго,

Чинго со своето литературно дело не е голем само за Велгошти и Охрид. Неговото  литературно  и културно наследство се аманет за сите надлежни институции во Република Македонија.Охрид и Велгошти, како и во изминативе четири години, така и во наредниот период, во рамките на своите можности, ќе направат  се за достојно одбележување и оддолжување кон Великанот на македонската литература.

Почитувано семејство,
Без Вашиот и наш Чинго, македонската и светската литература ќе беа многу посиромашни.
..

 

 

„Колку и да правиме, што и да правиме за Живко Чинго, сепак неговото дело е многу големо“, изјави Александар Петревски, градоначалник на Охрид.

Живко Чинго е роден на 13 август 1935, починал 1987 година, негови најпознати дела се романот „Големата вода“, расказите Пасквелија и нова Пасквелија, автор е на повеќе драми и голем број раскази.