Во големиот пожар што избувна утринава околу 4.30 часот во манастирот Св. Јован Бигорски целосно е уништен делот на старите конаци, но спасена е црквата.

Целосно се опожарени конаците, трпезаријата и библиотеката, но од полицијата информираат дека нема повредени. Монасите успеале да ги спасат од огнената стихија поважните предмети кои биле во опожарените објекти.

Пожарот кој го зафати манастирскиот комплекс Св. Јован Бигорски е локализиран околу 7 часот, а најверојатно започнал поради проблеми со електричните или плинските уреди во кујната.

Според Екрем Зендели, заменик директор на Дирекцијата за заштита и спасување, пламенот прво ги зафатил кујнскиот дел, по што се проширил во трпезаријата, конаците и библиотеката, кои се целосно изгорени. Противпожарните служби успеале да го заштитат стариот дел од црквата, а монасите ги извлекле поважните предмети кои биле во опожарените објекти. Ангажирани биле и хеликоптери на АРМ кои помогнале за локализирање на пожарот.

Во Св. Јован Бигорски пристигна претседателот Ѓорге Иванов, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, висока црковна делегација предводена од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, а таму е и директорот на Управа за заштита на културното наследство Паско Кузман. Местото го обезбедува полицијата

 

 

 

Првата дојава за пожарот била околу 4.25 часот во полициската станица во Ростуше, а огнената стихија избувнала околу 4 часот.

Прво интервенирало едно противпожарно возило од Дебар, по што пристигнале и возила од Гостивар и други градови.

Градоначалникот на општина Маврово-Ростуше, Мукрем Мехмеди изјави дека оваа голема трагедија за културно историските објекти од овој регион на Македонија.

Раководителот на агенцијата за спасување за општина Дебар Рашит Абазовски изјави дека се е сторено да се помогне во гаснењето на пожарот. Штетата од пожарот во манастирот Св. Јован Бигорски, според проценките на Националниот конзерваторски центар, изнесува над 5,5 милиони евра. Но, трајно се уништени и објекти и предмети чија историска и културна вредност е ненадоместлива.

Најавено е формирање посебно тело кое ќе ги координира активностите околу возобновувањето на манастирот. Со помош на АРМ ќе бидат обезбедени монтажни објекти за привремено сместување на монасите. За пожарот во Св. Јован Бигорски денеска вонредна седница ќе одржи Владата на Република Македонија. Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска, во изјава за МИА, најави дека Владата веднаш на следната седница ќе ги обезбеди потребните средства за возобновивање на манастирот.

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи  ќе ги повика сите јавни претпријатија  и бизнисмени да донираат и во што пократок рок да му се помогне на братството од манастирот за повторна изградба на изгорениот дел.

Важно е дека иконостасот и црквата се недопрени во пожарот. Значи оставено е најголемиот дел од богатството на храмот, црквата не е допрена така што се надевам дека како и секогаш христијанската љубов и љубовта на сите верници ќе успеат да го изградат изгорениот дел“ вели Божиновска. Среќа во несреќата, како што посочува, е што со помош на монасите се изнесени и се спасени речиси сите вредни икони од галеријата.

Вработени од крим-техниката од Министерството за внатрешни работи прават експертиза и таа веројатно ќе трае подолго. Но, далеку од сите шпекулации е, нагласува Божиновска, дека се работи за некаков човечки фактор.

Манастирскиот комплекс Св. Јован Бигорски посветен на Св. Јован Крстител, се наоѓа на патот меѓу Гостивар и Дебар во непосредна близина на селата Ростуше, Битуше, Велебрдо и Требишта, по течението на Радика.