Македонија со победа од 32:31 против Јужна Кореја денеска го заврши настапот на Светското ракометно првенство во Хрватска на единаесетото место.Ова е најголем успех во историјата на машкиот македонскиот ракомет, а капитенот на репрезентацијата Кире Лазаров со постигнати 15 гола на денешниот натпревар стана прв играч кој успеал да постигне повеќе од 90 голови на едно Светско првенство.

 Тој со вкупно 92 гола има просек нешто повеќе од 10 гола по натпревар и е најзаслужен за успехот на македонската репрезентација.

Наптреварот се одигра во загрепската арена пред околу 300 гледачи.

Првото полувреме во најголемиот дел се играше гол за гол, а во 20 минута Македонија ја имаше најголемата предност од 4 гола 11:7.

Корејците успеаја да фатат приклучок и на полувреме се отиде со резултат 14:14. Резултатската неизвесност продолжи и во вториот дел, но на крајот подобро се снајдоа македонските репрезентативци и заслужено се радуваа за освоеното единаесето место.

Репрезентацијата вечер треба да се врати во Македонија. Агенцијата за млади и спорт на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје организира пречек.