Во близина на манастирот „Света Петка “ во Велгошти по 27-ми пат се одржа традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“. Годинешната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“ се организира под покровителство на општина Охрид.
На манифестацијата, по повод 80 годишнината од раѓањето на Живко Чинго, еден од најбележитите претставници на современата македонска литература, беседа одржа академик Милан Ѓурчинов, а пригодно обраќање имаше и охридскиот градоначалник Никола Бакрачески.
– Чест е вечерва да се биде дел од оваа манифестација посветена на Живко Чинго, еден од најзначајните автори во современата македонска литература. Сите ние почитувачите на неговото дело, се собравме овде, во близината на храмот „Св. Петка “, во еден од најубавите делови на неговата „Пасквелија“, за да му ја оддадеме должната почит за се она што како трајна и вонвременска вредност и го подари на македонската и светската книжевност – рече градоначалникот Бакрачески и додаде дека оваа вечер е посебна, зошто со нашето собирање и пригодната програма на достоинствен начин ја одбележуваме и осумдесет годишнината од раѓањето на големиот Живко Чинго.
На манифестацијата, по повод 80 годишнината од раѓањето на Живко Чинго, еден од најбележитите претставници на современата македонска литература, беседа одржа академик Милан Ѓурчинов, a на крај програмата беше збогатена со сплет на македонски народни песни и ора во изведба на Културно Уметничкото Друштво „Илинден“ од Велгошти.