Привршуваат последните подготовки во Охрид за најмасовната верска манифестација, традиционалното фрлање на Светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро по повод православниот празник Богојавление –  Водици. Денеска на пладне во црквата „Свети Никола – Геракомија“  се одржи свечена литургија, по што следува церемонијата на примопредавањето на кумството на новите кумови на Богојавление – Водици, Тане Николоски и Цветан Панделески. Од Здружението за афирмација на МПЦ „Богојавление“ кое е и организатор на манифестацијата што го следи фрлањето на крстот  во Охрид, велат дека подготовките за големиот настан се во завршна фаза, а привршува и пријавувањето на кандидатите кои ќе се фрлаат во водите на Охридското Езеро по Светиот крст. Најавуваат дека и годинава сите капачи ќе добијат маици со ликот на Свети Јован и апелираат до сите кои ќе се фрлаат во езерото на 19 јануари претходно да извршат лекарски преглед, што ќе биде обезбеден на медицински штанд поставен на Градскиот плоштад.12 Прославувањето на големиот верски празник Свети Јован Крстител ќе почне  рано изутрината на 19 јануари со богослужби во сите парохиски цркви во Охрид и Дебарско-кичевската епархија. Потоа големата црковно-народна манифестација се префрла на Градското пристаниште во Охрид, каде ќе се одржи главниот настан – фрлањето на Светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро. Крстот од бродот „Галеб во водите на езерото ќе го фрли митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, владиката Тимотеј. Организаторите најавија и повеќе активности на 20 јануари за Денот на рибарите што се организира во месноста Сараиште. Таа уникатна манифестација – традиционалното капење на рибарите, ќе биде збогатена со штандови на кои угостителите од Охрид за посетителите ќе нудат бесплатна греана ракија, вино, плашици. Годинава организаторите за оние пто ќе влезат во вода обезбедија две буриња со вино – за оној што прв ќе доплива до него и за највозрасниот учесник. Одбележувањето на големиот православен празник Свети Јован Крстител и манифестацијата Водици во Охрид оваа година ќе бидат снимени на филмска лента, од романска филмска екипа предводена од младиот охридски режисер Илија Пиперкоски. Филмот што е предвидено да учествува на повеќе светски фестивали ќе говори за традицијата и обичаите поврзани со празникот Водици, кон кој во овој град постои посебен култ.