Поранешниот министер за внатершни работи на Македонија, Љубе Бошкоски се враќа во Македонија. Пред неколку минути судот во Хаг изрече ослободителна пресуда што ја донесе Судскиот совет на Хашкиот суд по едногодишното судење.
Не е докажано дека пропустот на полицијата се препишува на наредбите на Љубе Бошкоски. Советот не е уверен дека Љубе Бошкоски пропуштил да ги преземе неопходните мерки“, меѓу другото рече судијата пред да ја соопшти пресудата.
Јохан Тарчуловски пак е осуден на единствена казна од 12 години затвор. Тој ќе биде префрлен во државата каде што ќе ја издржува казната. Тој е осуден по следниве точки: убиство, безобзирно уништување и сурово постапуавње. “Група од 60 резервисти и припадници на “Комета“, а можеби и повеќе од 100 лица, утрото влегла во селото. Групата ја предводел Јохан Тарчуловски“, беше дел од уверувањето кое го искажал судскиот совет во контекс на пресудата за Тарчуловски.
Судењето на Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски во Хашкиот трибунал почна на 16 април 2007 година, а заврши на 8 мај годинава со соочување на аргументите од завршните зборови на одбраната и на обвинителството.
Одбраната побара ослободување, а обвинителството затворски казни од 12 години за Бошкоски и 15 години за Тарчуловски.
Пресудата во Хаг после три и пол години ја чекаа нивните семејствата, како и дваесетина нивни приврзаници кои отпатуваа во Хаг за да присуствуваат на изрекувањето на пресудата. Како своевидна владина поддршка на обвинетите, на објавувањето на пресудата присуствуваа и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, министерот за правда Михајло Маневски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски. Со нив во Хаг отпатува и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев. Бошковски и Тарчуловски беа единствените обвинети македонски државјани пред Хашкиот трибунал за воениот конфликт во земјава во 2001 година. Нивното судење почна на 16 април, лани, а во процесот беа сослушани вкупно 64 сведоци, презентирани околу 1.200 докази, додека записникот од исказите на сведоците е на повеќе од 11.000 страници.