Православните христијани денеска го слават Бадник. По обичај, најмладите веќе се излезени на коледе а вечерва се принесува традиционалната божиќна вечера. Бадник или Коледе, според христијанската традиција, се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос-Божиќ. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6 јануари секоја година, а Божиќ на 7 јануари.

 

Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости. Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат Грегоријанскиот календар го прославуваат на 24. декември. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, осбоено поврзани со Бадниковата вечера. Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот.

 

 

Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“. Бадник, 6 јануари е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед, a 7 јануари – првиот ден Божик е неработен за сите граѓани. Министерството за труд и социјална политика соопшти дека ова е согласно Законот за празниците на Република Македонија.