По завчерашното официјализирање на функцијата градоначалник преку приемот на Уверението од страна на Александар Петрески, со денешната конститутивна седница на Советот во нов состав, општина Охрид го доби и вториот орган на Единицата на локална самоуправа.
Согласно законските односно статутарните и деловнички одредби, седницата ја отвори нејзиниот свикувач- претседателот на Советот во минатиот состав, Владо Чингоски. Откако јавно го констатира присуството на сите 23 новоизбрани членови на Советот, Чингоски им упати честитки за изборот на градоначланикот Петрески и на членовите на Советот посакувајќи им успешна работа во четиригодишниот мандат. Потоа го покани најстариот советник, Драган ПАНДЕСКИ (НСДП) да ја води седницата на која покрај новите советници и претставници на администрацијата присуствуваа раководителите на подрачните единици на министерствата и членови на Советот во претходниот состав.
Откако се констатира дека согласно дневниот ред, Советот најнапред ќе ги верификува мандатите на советниците, а потоа ќе се даде и потпише свечената заклетва, ПАНДЕСКИ ја предложи тричлената верификациона комисија, по што уследи пауза неопходна за вирификувањето на мандатите. По прифаќањето на извештајот на комисијата што го поднесе Душко ЈАКОВЧЕСКИ, претседателот на ОИК, Марика АНЃЕЛЕСКА на 23-та советници им ги врачи Уверенијата, по што, советниците ја дадоа и потпишаа свечената изјава.
На почетокот на седницата, претседавачот Драган ПАНДЕСКИ, го повика градоначалникот Петрески да им се обрати на советниците.
Поздравувајќи ги присутните на седницата, во своето обраќање до советниците, градоначалникот Петрески, во суштина, повика на соработка меѓу Советот и Градоначалникот во интерес на граѓаните при што, меѓу другото, рече:Дозволете ми, во име на општинската администра-ција и свое лично име, да ви го честитам изборот и верификацијата на мандатите. Воедно, на сите вам ви посакувам успешна работа во наредните 4 години; добра соработка со администрцијата; и, заедничка упатеност на вас како советници и градоначалникот кон меѓусебно разбирање со цел да се остварат интересите на граѓаните .
Ви посакувам, со своето успешно работење да ги исполните очекувањата не само на партиите или листите на избирачи кои ви ја дадоа довербата, туку на граѓаните во целина. Во таа смисла не е ништо помала ни мојата подготвеност како градоначалник за взаемно добра и корисна соработка со сите вас – повторно, во интерес на граѓаните.
Всушност, граѓаните на општината го очекуваат тоа. Колку од вас, толку и од мене, како два органи на општината. За нив, но и за нас, настапува периодот на работа и одговорност на општината како единица на локалната самоуправа. Тоа значи дека треба да се стави точка на изборната трка, на теснопартиските ставови, премрежувања и различности.
Нашите сограѓани, со право очекуваат резултати и нив нема да ги интересираат оправдувањата или причините. Тие, со право, очекуваат остварување на нашите ветувања или определби, а пред се’нивните интереси. Очекуваат – резултати!
Мотивиран исклучиво од таквите заложби, подготвен сум секогаш да работиме заеднички, да ги усогласуваме нашите гледишта и ставови; да ги надминуваме евентуалните разлики по одредени прашања; да бараме и компромисни предлози или одлуки. Со еден збор, ве повикувам да работиме така што ќе доаѓаме до решенија кои нема да се толкуваат како нечија победа, туку ќе значат исполнување на она што го бараат граѓаните.
Покрај убавите желби и честитки по повод оваа седница на Советот, дозволете ми да укажам и на фактот дека нашата добра соработка ќе претставува надградба и продолжување на она што го постави претходниот Совет. Верувам дека Охрид со активноста на Советот, неговата посветеност кон интересите на граѓаните и решавање на проблемите, ќе важи и натаму за светла точка во заложбите на Единиците на локалната самоуправа на ниво на држава за јакнење на улогата на општините и ната-мошна децентрализација.
На крајот на ова мое обраќање до вас како членови на Советот на општината, дозволете ми уште еднаш да ви честитам на изборот и посакам успешно исполнување на функцијата.Дозволете ми да ве повикам, во интерес на граѓаните и за доброто на Охрид, да ги оставиме теснопартиските и лични интереси надвор од оваа зграда, а да работиме заеднички онака како што треба за да бидеме запаметени од граѓаните – по успесите.
Извор: