Во средата на 23 април ,ученици од ОУ „Живко Чинго“ – Велгошти, Охрид настапија на училишната програма „Голем одмор“ на Македонската радио телевизија. Вкупно 54 ученици со своите наставници – ментори го претставија своето училиште, својата работа и успеси, а воедно и селото Велгошти пред пошироката јавност во Република Македонија.

„На огромно задоволство на учениците,а воедно и на родителите и целокупниот колектив на училиштето, децата со своите изведби се прикажаа во одлично светло. Богатата програма и веселиот дух на учениците ја направи емисијата разиграна и весела. Настапот во живо пред камерите на МРТВ за учениците беше едно ново и големо искуство, кое се надеваме во иднина ќе биде достапно за сите наши ученици. Многубројните активности, проекти и настани што ги реализираме во нашето училиште заслужуваат да бидат прикажани пред пошироката јавност.“- велат од ОУ „Живко Чинго“.

Од училиштето велат дека поради успешното претставување, училиштето доби покана за повторно учество и понуда за посета на Велгошти од страна на екипата на МРТ.

Инаку, ОУ „Живко Чинго“ беше прво училиште од овој регион кое настапи на оваа популарна училишна емисија меѓу најмладите.