Во Основното училиште „Живко Чинго“ во нашето село  денеска се одржаа неколку заеднички работилници во рамки на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, кој се реализираа со партнерското основно училиште „Фаик Коница“ од селото Доброште од општина Теарце. На активностите, покрај директорот на училиштето Ѓоко Чингоски, учениците, родителите, претставниците на УСАИД, секторите за образование, бирото за развој на образованието и просветниот инспекторат, присуствуваа заменик градоначалникот на општина Охрид, Ангел Јанев и градоначалникот на општина Теарце, Исен Асани, јави www.webohrid.com.

image

„Ова е проект за меѓуетничка интеграција, чест ни направија градоначалникот на општина Теарце и заменик градоначалникот на општина Охрид. Благодарание на УСАИД ние овој проект го реализиравме, а со самото тоа направивме интеграција не само помеѓу училиштата, туку и помеѓу две села, помеѓу две општини. Ние сме мала држава Македонија, може да се живее многу убаво, додека им даваме ние на децата ѕидови и непријателство, подобро да им дадеме дружење и љубов.“– вели директорот на ОУ „Живко Чинго“, Ѓоко Чингоски.

image

„На ниво на државата, другите училишта и другите општини нека не земат за пример како може да се соработува помеѓу училиштата“.– рече директорот од ОУ „Фаик Коница“, Реџеп Даути.

„Ни претставува задоволство да бидеме гости во Охрид, тука во Велгошти. Оваа иницијатива е за поздравување и ја поддржуваме, бидејќи сме една земја, една држава. Општина Теарце е како што би се рекло Македонија во мало, бидејќи во Теарце живеат Албанци, Македонци, Турци и Роми, толеранција постои и ќе продолжиме да соработуваме и овде и таму за подобра иднина, за новите генерации да инвестираме во тој правец за децата, за учениците.“- истакна градоначалникот на општина Теарце, Исен Асани.

„Ваквите соработки се секогш во насока на подобра и поубава комуникација. И општина Охрид и општина Теарце се општини кои можат да понудат многу и во делот на туризмот, во делот на образовната соработка. Јавно ги повикувам сите оние кои се заинтересиран, оваа соработка да ја прошириме на соработка и со другите училишта.Нека оваа средба биде повик и поттик за сите училишта, сите менаџери и од двете општини и за сите заинтересирани општини од цела Македонија , кои имаат желба, можност, верба дека ова што правиме е прекрасно, да го направиме заеднички“– изјави заменик-градоначалникот на општина Охрид, Ангел Јанев.

Во рамки на проектот за меѓуетничка интеграција во образованието и компонентата за градење на капацитети, според координаторот на проектот Небојша Мојсоски, се овозможува зајакнување на припадниците на училишното раководство и наставниците преку различни обуки во тесна соработка и партнерство со други образовните институции. Училиштата формираа партнерства кои што им овозможија да организираат заеднички активности и да создадат услови учениците да развиваат нови идеи и иницијативи за зајакнување на меѓуетничката соработка, во чии рамки е и денешната активност. Целта е подобрувањето на меѓуетничката комуникација и надминување на етничките, културолошките и јазичните препреки.

„Ова што се случува денес е навистина за восхит, затоа што не само што имаме училишта кои соработуваат, туку имаме училишта кои ја подигнаа соработката на едно повисоко ниво, на општинско ниво, а многу сум благодарна на директорите на овие две училишта, бидејќи покажаа како навистина искрено, со голем труд, со голема вложеност успеаа да ја ангажираат целата училишна заедница, да ја ангажираат целата општина, со цел да ја потикнат оваа размена на искуства, комуникација и соработка помеѓу жителите на општина Теарце и општина Охрид.“ – изјави Ана Пискачева, помлад координатор за училишни грантови.

Проектот за меѓуетничка интеграција е поддржан од општина Охрид, преку активно вклучување на основните и средните училишта во неговата реализација. Партнерството помеѓу ОУ „Живко Чинго“ од село Велгошти и ОУ „Фаик Коница“ од село Доброште, општина Теарце е пример за меѓуетничка интеграција, за меѓусебното почитување, дружење и почитување на различностите. Инаку двете училишта претходно реализираа заеднички активности во ОУ „Фаик Коница“во село Доброште, каде на работилниците и активностите кои ги реализираа учениците, присуствуваше и делегација на општина Охрид.

Превземено од : http://www.webohrid.com/