Организаторите на Европското првенство во ракомет за жени, ЕХФ и РФМ, ја намалија цената на билетите за натпреварите од Европското првенство што се играат во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид.

Наместо 900 денари, колку што беше до сега, цената на блок билет за два натпревари ќе чини само 300 денари, информираат од салата “Билјанини извори“.

До намалување на цената на билетите дојде по апелот на локалната самоуправа која посочи дека таа е превисока за стандардот на граѓаните. Поради високата цена на билетите натпреварите од првото коло во Охрид ги проследија мал број гледачи.

Организаторите се надеваат дека со намалувањето на цената салата ќе биде повеќе исполнета, онака како што му доликува на Европското првенство.

Денеска на програмата во Охрид се два натпревари од Б групата во кои се среќаваат Украина-Португалија и Норвешка – Шпанија.