Охриѓанецот Адријан Битрак кој живее во центарот на Токио и кој за време на катастрофата бил во својот дом, вели дека неможе ниту да замисли како пак било во североисточниот дел на Јапонија, каде потресот беше и најсилен. Тој додава дека најсилните потреси траеле меѓу 20 и 30 секунди, а целиот земјотрес, пак, околу три минути.

“Токио издржа благодарение на добрите архитекти. Мислам дека нашите надлежни има многу што да научат во однос на тоа како треба да се гради еден објект за да се заштити од силни земјотреси. Други Македонци со мене нема, има едно семејство кое го познавам и кое живее во моја близина во центарот на Токио. Се слушнавме и тие се добро. Интересно е тоа што по катастрофата, Токио, кој е светска метропола и кој живее 24 часа, одеднаш замре.

Во ноќните часови има многу мало движење на луѓе и возила, што воопшто не е вообичаено за овој град. Некако е пусто. Има и рестрикции на струја, бидејќи властите апелираа да се штеди електричната енергија. Да снема струја во Јапонија не се случило од Втората светска војна, досега. Токио, кој слободно може да се нарече ’светлечки град’, поради илјадниците светлечки реклами, сега е во темнина. Изминатава ноќ за прв пат по 50 години неосветлен остана и облакодерот ’Токио Тауер’. На оваа грандиозна градба, која исто така беше неоштетена во земјотресот, светеше само врвот. Зачудувачки е што во оваа ситуација не се случи ниту една кражба, нешто што неможам да верувам дека може да биде во ниту една друга земја во светот“, вели Битрак, кој веќе пет години живее и работи во Јапонија.

Битрак вели дека и покрај ситуацијата во која е моментно Јапонија, тој засега не планира да се враќа во Македонија.

mk.mkdnews.com