Градоначалникот Александар Петрески, поднесе кривична пријава против Љубен Буџакоски за поттикнување на граѓанска непослушност меѓу жителите на Лескоец. Љубен Буџакоски кој е советник во Советот на општина Охрид од политичката партија ВМРО ДПМНЕ на 26. и 27. мај противзаконски ги поттикнувал жителите на Лескоец на граѓанска непослушност за да не ги плаќаат сметките за потрошена вода.

„Никој нема право да не ја плаќа потрошената вода, па ни жителите на Лескоец. Тоа е типично противзаконито поттикнување на граѓанска непослушност при што е вршен притисок и фалсификување на потписите на граѓаните на иницијативата за давање на стопанисување на водоводот на Месната заедница во Лескоец.“ смета Градоначалникот Александар Петрески.

Водоводотво Лескоец со одлука од Собир на граѓани од март 2008 година и со одлука на Советот на општина Охрид даден е на стопанисување на ЈП „ Проаква“ и таа одлука е на сила. Новата иницијатива за негово отстапување е незаконска, зошто месната заедница нема право да стопанисува со водоводот. Фактите покажуваат дека повеќе од две години дел од жителите на Лескоец не ги плаќале сметките за потрошена вода и против нив се покренати соодветни законски постапки.

Локалната самоуправа, во водоводната и канализационата мрежа во Лескоец, досега има вложено околу 1, 5 милиони Евра, па токму затоа никој не може да биде ослободен од плаќањето на сметки за потрошена вода.