Во организација на Општина Охрид и Општинскиот одбор на Сојузот на борците од народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија и граѓаните подржувачи од Охрид и Дебрца, денеска во големата сала на општината , свечено беше одбележан 11- ти октомври Денот на востанието и Денот на борецот.

На присутните им се обрати градоначалникот Александар Петрески кој и на овој свечен момент не заборави да ја критикува актуелната централна власт:

Го преполнија Скопје со споменици , за кои , во овие тешки економски времиња , без трунка совест и одговорност трошат и перат стотици милиони Евра народни пари. Изградија Музеј на борците за самостојна Македонија и за жртвите од комунизмот. За разлика од развиените демократски држави во светот, во тој Mузеј нема место за жртвите на фашизмот. Нема место за оние кои ги оставија животите борејќи се против фашистичкиот окупатор и со својата крв ја платија денешната слобода.Сето ова, во името на народот, со невидена популистичка пропаганда го прави актуелната власт. Наместо да бара начини да се справи со растечката и веќе неподнослива сиромаштија во Македонија, власта преку нејзините медиуми ја дефокусира јавноста, делејќи ги граѓаните на патриоти, предавници и кодоши.

Се што е поврзано со развојот на Охрид, секој проект на локалната самоуправа и секоја моја иницијатива , се кочи и опструира од централната власт. Причината е банална, недемократска и својствена само за оваа власт. Го жртвуваат Охрид зошто локалната власт ја водам јас, човекот кој не е од нивната партија и не размислува како нив.Ви ветувам дека ќе продолжам да работам за доброто на Охрид и со сите сили ќе се борам против оние кои сакаат да ги делат граѓаните и да ја прекројуваат историјата.Денеска е светол ден, ден кога пред 70 години , родољупците и патриотите, ја започнаа борбата против фашизмот и станаа дел од големата, светска коалиција, борба која заврши со победа над фашизмот. Победата над најголемото зло на човештвото во дваесеттиот век, ја донесе слободата и формирањето на првата суверена и самостојна македонска држава. Ние, новите генерации кои ги уживаме благодетите, на со крв спечалената слобода, сме обврзани да ја чуваме и никому да не му дозволиме да не дели, демократијата да ја менува со тоталитарно владеење и да ја прекројува историјата- рече на свеченоста градоначалникот Александар Петрески.

velgosti.com