На неколку грчки автобуси се уште непознати сторители синоќа во близина на хотелот “Палас” ги напишале пораките “Македонија” и “Обединета Македонија” како и неколку други пораки со вулгарна содржина.

Пораките се испишани со спреј, а биле оштетени и прозорците од автобусите кои превезувале грчки туристи во Охрид. Според првичните информации се работи за дел од поголема група туристи од Грција кои пристигнале во Охрид за да го прослават празникот Прочка. Грчките туристи видно вознемирени од настанот  изјавија дека ваквите настани не се добри и дека нема по убаво да го паметат Охрид. 

„Ова се случи во Охрид. Тоа е направено без некоја посебна причина. Ние го сакаме Охрид, а со ова незнам дали ќе дојдеме повторно. Моментално во оваа област Охрид-Струга сме дојдени околу 20 автобуси од Грција. Сите ние овде оставаме пари. Дали секогаш би го имале овој проблем?“ изјави еден од грчките туристи. 
 
Утрово околу 10 часот Грците со засилено полициско обезбедување го напуштија Охрид. Од СВР Охрид го потврдија настанот и рекоа дека интензивно се трага по сторителите.

„Точно е дека од нивна страна побарана е полициска придружба и да излеземе во пресрет на нивното барање и со полициска придружба истите се пропратени до излезот на Охрид. Сознанијата на свр Охрид говорат дека оштетувањето е извршено во периодот од 18 часот и 45 минути до 20 часот по што е излезено на лице место од страна на полициските службеници и констатирани се овие оштетувања.СВР Охрид понатака презема мерки за пронаогање на сторителите“ рече портпаролот на охридската полиција, Стефан Димовски.  

Грчкото министерство за надворешни работи веднаш го осуди инцидентот.

„Ваквите настани, кои за жал влијаат негативно во комуникацијата меѓу народите се видлив резултат на национализмот и на нетолеранцијата против Грција, која свесно се поттикнува во последно време во Скопје„, се вели во изјавата на Кумуцакос. Грчкото МНР повика властите, во како што се вели, БЈРМ, да ги заштитат грчките граѓани кои ја посетуваат земјата, и да ги пронајдат и и казнат виновниците за вчерашниот иницидент“ изјави портпаролот Јоргос Кумуцакос.