Македонската фудбалска репрезентација попладнево го совлада Исланд со 2:0 во квалификацискиот натпревар за Светското првенство 2010 што ќе се одржи во Јужна Африка.

До втората победа во групата, македонската селекција дојде преку головите на Аце Стојков во 10 минута и Филип Ивановски во 87 минута.

Македонските репрезентативци во текот на целиот натпревар ја имаа контролата над играта и создадоа десетина шанси, а имаа и еден недосуден пенал. Исланѓаните и покрај одбранбената формација имаа две-три полушанси за гол, но не успеаја да го совладаат голманот Јане Николовски.

Македонскиот голман на 15-тина минути до крајот, при интервенција се здоби со сериозна повреда и мораше да биде заменет.

Натпреварот на стадионот „Филип Втори“ го следаа околу четири илјади гледачи.

Македонија со освоените три бода од вечерашниот дуел се изедначи на второто место со Шкотска и имаат по 7 бода.

Топлото време им создаваше проблеми на актерите на денешниот меч. Во првиот дел фудбалерите добија и пет минутен тајм аут се со цел да се освежат. Од денешниот меч за одбележување се и неколкуте судиски грешки, кои одеа во полза на противникот, што предизвика бурни реакции од присутните домашни навивачи, кои и покрај тропските горештини дојдоа во голем број да им дадат поддршка на своите миленици.

Во 9 квалификациска група за СП, Холандија е лидер со 18 бодови и вечерва игра против Норвешка, ние сега имаме исто колку и Шкотска, 7 но и натпревар повеќе, Исланд 4, а Норвешка е последна со 3.